Фото: ЕПА

ЕУ одобри помош од 50 милијарди евра за Киев: Премиерот на Унгарија се премисли за ветото

Сепак, ЕУ успеа со мобилизација на сиот свој институционален инструментариум, и превентивен и репресивен, да ја премисли официјална Будимпешта да не стави вето за пакетот поддршка од 50 милијарди долари за Украина.
Наводно, според официјални информации, договорот за помошта за Украина доаѓа откако „мала група лидери“ го убедиле унгарскиот премиер Виктор Орбан да се откаже од своето вето за пакетот финансирање. Иако непосредно до ЕУ-самитот, највисоките носители на државната власт во Унгарија во јавноста излегоа со изјави дека „Брисел бескрупулозно ја уценува Унгарија“, сепак Владата на Унгарија попушти и се повлече пред, како што велат, „уцената на ЕУ“…

Лидерите на Европската Унија едногласно се согласија за пакетот поддршка од 50 милијарди долари за Украина, надминувајќи го претходното противење од Унгарија.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, објави дека е постигнат договор за обезбедување финансиска поддршка за Украина до 2027 година.
– Сите 27 лидери се согласија за дополнителен пакет за поддршка од 50 милијарди евра за Украина во рамките на буџетот на ЕУ – напиша Мишел на социјалната мрежа X, неколку минути по официјалниот почеток на вчерашниот состанок на Советот.
– Ова заклучува стабилно, долгорочно и предвидливо финансирање за Украина – додаде тој.
За да се исполни таа цел, ЕУ се согласи да му даде на Киев 50 милијарди евра.
Договорот доаѓа откако мала група лидери го убедија унгарскиот премиер Виктор Орбан да се откаже од своето вето за пакетот финансирање за Украина од декември минатата година.

Колку за потсетување, на последниот самит на Советот во декември, Унгарија стави вето на четиригодишниот пакет помош од 54 милијарди долари за Украина, тврдејќи дека парите не треба да доаѓаат од буџетот на блокот, бидејќи Украина не е земја членка. Сите други 26 земји членки гласаа за пакетот помош.

„Фајненшл тајмс“: ЕУ планира да ја саботира економијата на Унгарија доколку Владата на Унгарија ја блокира новата испорака на финансиска помош за Украина

Респектабилниот медиум „Фајненшл тајмс“, деновиве објави дека „ЕУ планира да ја саботира економијата на Унгарија доколку Будимпешта ја блокира новата испорака на финансиска помош за Украина на самитот на лидерите на ЕУ“, што патем споменато се одржа вчера во Брисел.
– Во случај да нема договор на самитот на 1 февруари, другите шефови на држави и влади јавно би изјавиле дека во светлината на неконструктивното однесување на унгарскиот премиер, не можат да замислат дека Будимпешта ќе добие средства од ЕУ – ФТ го цитираше документот.

Понатаму беше наведено дека без финансирањето „финансиските пазари и европските и меѓународните компании би можеле да бидат помалку заинтересирани за инвестирање во Унгарија“. Ова може „брзо да предизвика дополнителни зголемувања на трошоците за финансирање на јавниот дефицит и пад на валутата“, се вели во извештајот.

Унгарија се удираше во гради, но попушти пред притисокот

Унгарскиот министер за ЕУ ​​Јанош Бока непосредно пред самитот на ЕУ храбро коментираше дека „Унгарија нема да попушти под притисок“!
– Унгарија не воспоставува врска помеѓу поддршката за Украина и пристапот до фондовите на ЕУ и одбива други страни да го сторат тоа. Унгарија ќе продолжи да учествува конструктивно во преговорите – рече тој.

Тој ја истакна важноста од „зачувување“ на единството на ЕУ и истакна дека Унгарија е подготвена за „компромиси“ сѐ додека тоа не влијае на „виталните интереси“ на земјата.

Како што пренесуваат медиумите од Брисел, европските лидери вчера успеале да го придобијат Орбан со три додавки на досегашните планови. Според дипломатски извори, ќе има годишен извештај на Европската комисија за спроведувањето на пакетот помош, ќе има дебата на лидерско ниво за спроведувањето на пакетот и, доколку е потребно, за две години Европскиот совет ќе побара од Комисијата да предложи преглед на новиот буџет, според најновата верзија на нацрт-заклучоците на Европскиот совет.

Лидерите на ЕУ додадоа линија што се однесува на претходните заклучоци од декември 2020 година за да гарантираат дека начинот на кој владеењето на правото во Унгарија се оценува од Европската комисија се прави на фер и објективен начин.
Отстапките во Брисел се сметаат за мали, бидејќи лидерите избегнаа сценарио во кое Орбан би имал можност за годишно вето на финансискиот спас за Украина. Но, на овој начин, Орбан може да прогласи победа дома велејќи дека Унгарија добила ревизија.
Договорот доаѓа по состаноците со мали групи лидери во четвртокот. Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, заедно со лидерите на Франција, Германија и на Италија, одржаа состанок зад затворени врати со унгарскиот премиер. Состанокот потоа беше проширен на други лидери, вклучувајќи ги и холандскиот премиер Марк Руте, полскиот премиер Доналд Туск и белгискиот премиер Александар де Кро.

Отстапки или концесии за Орбан и Унгарија засега не „протекоа“ во јавноста

Според повеќе медиуми, неколку дипломати негирале дека му биле дадени други отстапки на Орбан и дека зголемениот притисок од лидерите јасно ѝ ставил до знаење на Будимпешта дека нема алтернатива, освен попуштање за парите за Украина. Клучен елемент беше обновата на довербата меѓу Унгарија и Европската комисија, за што беше клучна дополнителната линија за механизмот за условување.
Средствата на Европската Унија за Унгарија ќе останат замрзнати, без оглед на договорот за помош на Украина за кој се договорија земјите членки, изјави за „Ројтерс“ неименуван европски дипломат.

Истиот извор, за медиумот додаде дека се проценува дека Унгарија сѐ уште не ги исполнува своите обврски, со што би добила право да добива средства од ЕУ.


Изнуда или не?!

Унгарскиот премиер Виктор Орбан долго време е трн во окото на единството на ЕУ за Русија и има добри односи со рускиот претседател Владимир Путин, напиша во својот извештај „Гласот на Америка“.
– Унгарија на почетокот одби да се приклучи на санкциите (против Русија). Унгарија одби да испрати оружје во Украина. Унгарија одби да ѝ даде на Украина кандидатски статус за членство во ЕУ додека не го добие повратот што го сакаше – истакна Лиана Фикс, соработничка за Европа во Советот за надворешни односи во Вашингтон.

Тој поврат на средства вклучуваше ослободување на ЕУ од 11 милијарди долари од фондовите на ЕУ за Унгарија во декември, кои беа замрзнати поради загриженоста за демократското назадување во земјата. ЕУ сè уште задржува дополнителни 24 милијарди долари, а Орбан најверојатно ќе бара дел од нив да бидат ослободени, според Фикс.

И на крајот, да потсетиме на исклучително цврстиот и бескомпромисен, а секако контроверзен став на Брисел со кој ЕУ ѝ се закани на Унгарија дека „ќе ја саботира економијата на Унгарија доколку таа не се откаже од ветото за помошта за Украина“. Ова го издвојуваат како исклучително индикативно повеќе наши соговорници, експерти за ЕУ. Истото тоа го цитираат повикувајќи се на понеделничкиот извештај публикуван во лондонскиот весник „Фајненшл тајмс“, по кој Будимпешта ја обвини ЕУ за класична „уцена“!

Р.С.