Педро Алмодовар е еден од најпознатите светски режисери. Овој Шпанец остави неизбришлива трага во кинематографијата, а неговите филмови зрачат со посебна естетика, потпирајќи се на боите (пред сè црвената) и на ентериерите. Препознатлив е и по тоа што речиси на годишно ниво снима филмови и среќни сме што овој тренд продолжува. Имено, излезе вест за неговиот нов филм „Д рум некст дор“ (The Room Next Door), кој наскоро треба да започне со снимање. Познат по своите чести и успешни соработки со Пенелопе Круз и Антонио Бандерас, шпанскиот режисер сега го менува својот начин на работа и се префрла на соработка со американски актери – и тоа целосно. Како што дознаваме, новиот филм ќе биде првиот долгометражен филм на Педро снимен на англиски јазик.
Педро Алмодовар се враќа на силните женски ликови. Минатата година го гледавме квир-вестернот „Стерјнџ веј оф лајф“ со Итан Хоук и Педро Паскал во главните улоги. Тој го истражуваше односот меѓу поранешните пријатели и љубовници, кои повторно се среќаваат по 25 години. Пред него уживавме во „Паралелни мајки“. Филмот за жените што се врзуваат по породувањето во ист ден и кој ѝ донесе на Пенелопе Круз трета номинација за „оскар“.
„Д рум некст дор“, со Џулијан Мур и Тилда Свинтон во главните улоги, е филм за нарушена врска мајка и ќерка. Пресвртот доаѓа кога во приказната се појавува нивен заеднички пријател и се обидува повторно да ги спои. Покрај нив, во ансамблот препознавме уште едно холивудско име – тоа е Џон Туртуро.
Според неофицијални информации, снимањето на филмот треба да започне напролет, на локации во Њујорк и Мадрид.