Премиерката на Естонија со сериозни предупредувања
Европа има време од три до пет години да се подготви на сериозна воена закана за земјите од источното крило на НАТО што доаѓа од Кремљ, предупреди премиерката на Естонија, Каја Калас. Нејзините предвидувања се потпираат на извештајот на естонската надворешна разузнавачка служба (ВЛА), во кој се наведува дека Москва ги смета Естонија и другите две балтички држави за „најранлив дел од НАТО“ и нејзина најверојатна цел за напад.
– Нашата разузнавачка служба проценува дека тоа е период од три до пет години, а тоа зависи како ќе управуваме со нашето единство и дали ќе го задржиме ставот кон Украина – истакна Калас во изјава за „Тајмс“.
Најголем приоритет за Кремљ по завршувањето на борбите во Украина ќе биде брзо обновување на силите во западниот руски воен округ, покрај источните граници на НАТО. Од перспектива на балтичките држави, Русија сѐ уште има доволно сила да изврши реален воен притисок во тој регион, се наведува во извештајот на ВЛА.
По низата украински неуспеси на военото поле, во рамките на европскиот сојуз расте загриженоста за тоа колку време е потребно за подготовки на НАТО за евентуалното повторно појавување на руските сили на границите кон балтичките земји. Поради тоа, Естонија силно бара од своите западни сојузници да ја засилат воената помош за Украина, во надеж дека ќе има време да се подготви.