Управата за финансиска полиција денеска соопшти дека доставила известување до надлежното јавно обвинителство во врска со информациите со кои располага до овој момент во однос на предметот со нафтени компании кои со лажни фактури се обиделе да го оштетат државниот буџет, а за кој вчера детали изнесе Управата за јавни приходи (УЈП). Најавува дека по комплетирање на проверките ќе достави соодветен писмен поднесок до надлежниот јавен обвинител.
Управата за финансиска полиција наведува дека за конкретниот предмет активно соработува со Управата за јавни приходи.
– Од страна на Управата за финансиска полиција се превземаат мерки и активности кои се однесуваат на утврдување на сомненија за сторени кривични дела во нејзина надлежност. Согласно Законот за кривична постапка доставено е Известување до надлежното јавно обвинителство во врска со информациите со кои располагаме до овој момент. Имајќи во предвид дека сите дејствија преземени во предистражната постапка, согласно член 289 од Законот за кривична постапка, се сметаат за тајна, за добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на физички и правни лица, по комплетирање на проверките Управата за финансиска полиција ќе достави соодветен писмен поднесок до надлежниот јавен обвинител – наведува Упрвата за финансиска полиција во соопштение.
УЈП вчера објави детали за начинот на кој нафтени компании со лажни фактури сакале да добијат поврат на ДДВ и исплати по основ на Данок на личен доход, во износ од 160.117.130 денари, односно 18. 969.998 денари. За овие случаи како што рекоа од УЈП, доставиле писмени пријави со докази до Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи на 15 ноември 2023 година, а до Управата за финансиска полиција на 1 декември 2023 година.