Фото: Влада

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за здравство, Фатмир Меџити, беше во посета на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде што беа претставени новите апарати за третман и дијагностика.

Вкупната инвестиција за новите апарати изнесува приближно милион евра, пари обезбедени од Министерството за здравство.

Премиерот рече дека се инвестирани над 700 илјади евра за набавка на новиот современ апарат за литотрипсија, односно за разбивање камења во бубрегот и во уринарниот тракт.

– Се работи за најсовремен апарат, кој е од најновата генерација, и токму во оваа болница е практично третиот во државата што е, да кажеме, на ниво повисоко од другите што ги имавме. Со тоа се овозможува современ и брз третман на пациентите, но и олеснување на работата на здравствените работници, како и на Клиниката, каде што ќе нема потреба од подолго задржување на пациентите – рече Ковачевски.

Министерот Меџити изјави дека се воведува патологија што досега не можеше да се третира во оваа установа, а со тоа се врши и проширување на спектарот на процедури што може да им бидат понудени на пациентите.

– Се очекува годишно да се третираат стотина пациенти со оваа патологија, кои, по интервенцијата, би се задржале само еден ден или истиот ден би се пуштале дома, што е голем бенефит за пациентите, а секако и за здравствената установа – изјави Меџити.

На Клиниката е набавен и нов апарат за мамографија со томосинтеза.

Воедно, набавен е и лапароскопски столб за изведување минимално инвазивни хируршки процедури, кој веќе е ставен во функција во оваа Клиника.


Директорот на Клиниката за хируршки болести бара доградба на објектот за операциони сали

Директорот на Клиниката за хируршки болести, Љубен Арсенков денеска побара доградба на болницата за нови пет операциони сали со што би се зголемила функционалноста и би се растеретиле сегашните операциони сали.

При денешната промоција на новата апаратура во Болницата во присуство на премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство Фатмир Меџити, Арсенков преку видеоанимација покажа како би изгледала доградбата.

– Се работи за доградба во делот на паркингот со тоа што со топол премин би била поврзана со самата установа. Топлиот премин би служел како настрешница, која во моментот недостасува. За да ги запазиме на некој начин еколошките моменти, горе би завршиле со еден „руфтоп гарден“. Од визуелен аспект, делува многу убаво, меѓутоа, толку е голема функционалноста доколку ова би го направиле. Пет операциони сали со сите светски стандарди е спас за македонската хирургија – рече Арсенков, додавајќи дека сега се преоптоварени сите сали.

Објектот, како што посочи, е стар 93 години.

– Има мал проблем, за што верувам министерот ќе се заложи. Конзерваторски центар не ни дава да го споиме ова со зградата, затоа што е заштитена како архитектонски објект – рече Арсенков.

Министерот Меџити најави средба за оваа идеја следната недела.

– Многу ми се допадна. За овие пет операциони сали, сега го гледам видеото пред вас. Ќе дојдат директорите следната недела на разговор, ќе го донесат сето тоа што го имаат замислено како идеја – рече Меџити.

Годишно, во оваа болница се третираат околу 120 илјади пациенти.