Промовирана „Телесност и отелотворување“ од Гоце Наумов
Во киносалата на Музејот на Македонија беше промовирана книгата „Телесност и отелотворување: иконографии на човечкото тело“ од Гоце Наумов. Промотор на книгата беше Никос Чаусидис, а во рамките на овој настан настапи и џез-составот „Некст ту сајленс“. Како што вели авторот, „Телесност и отелотворување“ ги обработува можните форми на проучување и разбирање на претставеното човечко тело во минатото.
– Иако, главно, се заснова на неолитските фигурини и антропоморфните хибриди, ова дело оди чекор подалеку од археологијата и посегнува по други хуманистички дисциплини, како што се антропологијата, социологијата и филозофијата – вели авторот на книгата.
Тоа значително го проширува толковниот опсег со чија помош темелно се разгледуваат иконографијата на телото и социјално-симболичкиот контекст во кој тоа е вклучено.
– Ваквото ангажирање на теориската мултидисциплинарност се покажува како поиздржан научен пристап отколку елементарното дескриптивно интерпретирање на артефактите и потврдува колку длабоко може да се навлезе во повеќезначноста на предметите и сликите што прикажуваат човечко тело.
Дотолку повеќе што ова вмрежување на толковните хуманистички пристапи и симболичкиот капацитет на артефактите дополнително покажува како може темелно да се разбере и светот во кој се создадени овие антропоморфни претстави – беше кажано на промоцијата.
Во таа смисла, делото од Наумов во голема мера ѝ помага на археологијата при проучувањето на луѓето во минатото, но во исто време може да се ползува и во рамките на историјата на уметноста, етнологијата, социологијата, театрологијата или синеастиката, односно во сите студии што се концентрирани на иконографиите и перформативноста на човечкото тело.
Тони Наумов е доктор по предисториска археологија и континуирано ги проучува населбите, занаетите, ликовните претстави и обредите на првите земјоделски и металуршки заедници во Македонија, Балканот и на Блискиот Исток. Истражувал на повеќе предисториски локалитети во Македонија, Србија, Албанија, Словенија, Турција, Русија и во САД, а во фокусот на неговата специјализација се Пелагонискиот и Охридско-преспанскиот Регион. Ка.М.