Фото: „Нова Македонија“

Задоволен сум од прикажаното против Грција и се надевам дека ќе го кренеме нивото на игра за уште неколку проценти, вели селекторот Лазаров

РАКОМЕТ – ПОДГОТВИТЕЛНИ МЕЧЕВИ ПРЕД ЕП 2024

Машката ракометна репрезентација на Македонија извојува победа на првиот од двата предвидени пријателски меча во Скопје против Грција, а во рамките на подготовките за претстојното Европско првенство (ЕП) во Германија (10-28 јануари). Избраниците на селекторот Кирил Лазаров, кои настапија без повредениот бек Никола Маркоски и пикерот Жарко Пешевски поради температура, во СЦ „Борис Трајковски“ славеа со 33-30. За вчера беше закажан и вториот контролен натпревар со Грција, но овој пат без присуство на публика.
– Задоволен сум од прикажаното против Грција и се надевам дека ќе го кренеме нивото на игра за уште неколку проценти. Сметам дека имаме талент, желба и потенцијал. Бевме малку хендикепирани, оти ни недостигаа Пешевски и Марковски. Одредени играчи беа под импресии, можеби дека првпат играа пред наша публика, која, пак, беше во солиден број за пријателски мечеви. Кога играте пред домашни навивачи, поддршката е добредојдена, но и притисокот е поголем, немате право на грешка и мора да победувате. Федерацијата функционира идеално, но многу зависи и од клубовите. Лигата станува сѐ подобра, но треба многу повеќе да се вложува во клупскиот ракомет. Треба да им се дава шанса на нашите играчи, не само да играат туку и да им се носи стручен кадар за да работи со нив – вели Лазаров.
Во македонските редови, Милан Лазаревски беше најефикасен со осум гола, Ненад Костески даде шест, додека Филип Кузмановски пет. Голманот Никола Митревски имаше осум успешни интервенции. Ова беше вкупно четврти контролен дуел на Македонија пред ЕП. Неодамна во Стара Пазова (Србија) беше совладана Црна Гора, која е учесник на ЕП, со 54-51, во меч со три полувремиња. Претходно, пак, во Солун, Македонија исто така играше два меча со Грција, која ќе настапи на ЕП 2024. Првиот заврши без победник 29-29, а вториот го добија црвено-жолтите со 23-22.
Македонија по осми пат е дел од европските првенства. Во Германија е во групата А заедно со домаќинот Германија, Франција и со Швајцарија. Првите две селекции од секоја од шесте групи одат во следната фаза. Титулата ја брани Шведска, која е и најуспешна репрезентација, со пет злата и едно сребро. Г.И.