Православните христијани во земјава денеска и утре ќе ги одбележат традиционалните христијански празници, Бадник, а ден потоа, и Рождеството Христово – Божиќ. Овие два празника се моменти кога семејството треба да биде дома, да се собере најпрво околу бадниковата посна трпеза, за следниот ден да ја прими благопријатната вест за раѓањето на спасителот Исус Христос.
Сето ова ќе го најават коледарчињата, кои први ќе затропаат на вратите на многу домови пеејќи „Коледе, леде“, потсетувајќи на едни времиња кога љубовта и разбирањето меѓу луѓето беа многу повисоко на скалата за разлика од денешните изопачени вредности, беспоштедната трка по пари, газењето врз туѓи судбини да се дојде до некаков лажен општествен статус и заборавањето на хуманоста, односно на исконското, да се биде човек во вистинска смисла на зборот.
Обата празника се во насока на обединување на семејството, кога сите на заедничка маса седат и се молат за исти работи, да има здравје, бериќет, слога, а потоа сè друго.
За жал, тој дух на сплотеност веќе одамна го нема во Македонија. Политичарите не само што не седнуваат на заедничка маса за доброто на државата туку до таа мера го партизираа и раскараа народот што веќе и семејните ручеци и вечери повеќе се претворија во жестоки политички дебати за тоа кој поголема штета им направил на државата и на народот. Така и луѓето се отуѓија едни со други, не разговараат меѓу себе, се гледаат попреку, овој бил од онаа партија, оној од другата и сè тоа кажано со пизма и со некаков непријателски тон. Кога нема да се седне на заедничка маса да се види и да се утврди што е важно за државата, тогаш другите однадвор ќе ни наметнуваат што ним им е важно. Затоа ни се случија и името и францускиот предлог и самоволието и теророт на ДУИ над државните институции. Сето тоа само поради пустата желба да се остане на власт по секоја цена, па дури и тогаш кога цената е Македонија. Сите гледаат само како да си ги наполнат џебовите.

Откако стана јасно дека уставните измени нема да се случат во овој собраниски состав, странците веќе разработуваат други стратегии, а една од нив е по изборите да се направи некаква широка коалициона влада, која уште во првите сто дена ќе ги направи уставните измени. Луѓето ќе бидат по одмори, ќе се нафрли некаков настан за целосен дефокус и уставните измени ќе си поминат по онаа старата „секое чудо, за три дена“. Тоа е планот на оние однадвор, кои очигледно немаат проблем да седнат на заедничка маса и да договорат како да си ги остварат националните интереси. Па на заедничка маса им дадоа почеток на преговори на Украина и Молдавија откако се договорија кој ќе тркне на кафе-пауза, кој на цигара, ама работата се заврши. Договор куќа гради, а неслогата ја урива. Пред некој ден во посета на Косово беше шефот на британската дипломатија, Дејвид Камерон, а на средбите со тамошните политичари рече дека Британија ќе инвестира 45 милиони фунти оваа година во стабилноста на Западен Балкан оти тоа било нешто што е многу важно за нивниот национален интерес. Замислете, Британија го брани нивниот националниот интерес далеку од своите граници, САД го прават истото, ЕУ не е ништо поразлична, само Македонија го распродава сопствениот национален интерес чисто заради додворување кон Западот, без ништо за возврат.
И кога странците гледаат со кого си имаат работа, нормално е дека тие ќе ни ја кројат судбината. Западот ги преферира широките влади оти така полесно може да ги оствари сопствените интереси и тоа ќе го прави постојано. Не се работи за тоа дека тие се грижат за нас и за нашата „европска иднина“, туку многу повеќе како да затворат едно отворено прашање тука, така што ваквите сценарија и агенди ќе се засилуваат и во предизборието, но особено по изборите, откако ќе бидат познати изборните резултати.
Затоа и сите други одоколу сакаат да чепнат од колачот наречен Македонија, за да не останат со празни раце кога сите веќе земаат што ќе посакаат. Тука и треба да се бараат причините зошто косовска политичка партија ќе учествува на парламентарните избори во Македонија, а нивниот пример многу веројатно ќе го следат и другите соседни држави, па ништо чудно нема да биде ако разграноци и на други партии од соседството почнат да функционираат на македонско тло и да спроведуваат туѓа агенда на овие простори.

Како поинаку да се протолкува „ходочастието“ на политичарите од албанскиот политички кампус во Македонија на Тирана и Приштина пред секое носење некаква поважна одлука за иднината на земјата. Зарем Курти и Еди Рама многу повеќе ќе водат сметка за проблемите на македонските Албанци отколку домашните политичари? Сите тие тргаат од нивните национални интереси, поточно од експанзионистичките политики, кои и натаму се присутни во нивниот генетски код. Затоа македонските Албанци наместо да одат на „баци рака“ во Приштина и Тирана треба многу повеќе да се посветат на реалните проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани и да понудат решенија, а не само гол популизам од што некој друг профитира.
Затоа е важна симболиката и на Бадник и на Божиќ. Редно е сите политичари во оваа држава да се соберат на една маса и да почнат да разговараат во духот на она што е интерес на граѓаните и на државата. Треба да почнат да демонстрираат слога и заедништво, сплотеност, за да може и народот да се обедини и да почне да верува дека оваа држава има некаква иднина.
Во оној момент кога ќе се врати вербата, тогаш се можни и големи работи. Тогаш ќе почне да се воспоставува вистинско владеење на правото оти правдата мора да биде неселективна и достапна за секого. Сплотено треба да се удри по корупцијата. Оние што се на високи функции треба да сфатат дека секој тендер е за доброто на државата, а не за лични бенефиции. Кога ќе се изземат себеси од провизии и аванси, тогаш секоја понуда ќе биде поволна и остварлива. Обичниот народ ќе мора да разбере дека одењето на доктор, на шалтер, во катастар или по некоја друга административна услуга не значи задолжителни 100 грама кафе, бонбониера, шише виски… Сите тие административци земаат плата за својата работа и нивна должност е да им служат на граѓаните. Нормално, нивниот труд треба да го цени и наградува државата, а не обичните луѓе, кои и онака едвај врзуваат крај со крај.

Кога ќе се седне на заедничка маса, ќе биде јасно дека на 1 септември учениците треба да имаат учебници, а на 20 јуни свидетелства, дека наставникот и професорот се над сè, а не суетните родители што бараат „петки“ за своите деца, иако реално децата немаат знаење ниту за тројка. Тешко читаат, уште потешко се изразуваат, не ја знаат сопствената историја, се губат во математиката, физиката, закржлавени се од физичката неактивност и ѕверењето во мобилните телефони.
На заедничка маса треба да се утврдат и стратегиските инфраструктурни планови, за енергетиката, за економијата, за екологијата, за сето она што значи просперитет, ние да го градиме и поседуваме, а не некој друг да ни биде господар и да профитира од она со што располагаме.
На крајот, како што семејството ќе се собере на Бадник и Божиќ така и ние да се сплотиме како нација за да ја спасиме иднината на нашите деца и на нашата држава. Ако дозволиме соседите да ни кажуваат како да си го уредиме домот, тоа нема да биде наш дом, ќе биде нивен. А тогаш и ние ќе станеме кираџии во сопствениот дом.