ИНТЕРВЈУ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА, БРАНКО АЗЕСКИ, БАЛКАНСКИ КОМОРСКИ ЛИДЕР
– Претседателе Азески, ќе опстои ли македонската држава?
Азески: Ќе опстои, секако.
– Каде погрешивме?
Азески: Да мислиш дека не можеш да погрешиш е состојба за која ти „нема помош“, а такви сретнувам сѐ повеќе. Јас не сум сигурен што грешиме во моментов, но за пред 30 години можам да ви кажам три големи грешки.
– Кои се тие грешки?
Азески: Бевме неодлучни како да се поставиме пред распаѓањето на СФРЈ и тоа скапо го плативме. Предолго тактизиравме. Погрешивме и во тоа што тогаш не го повикавме целокупниот човечки потенцијал што го имавме во светот да се вклучи во градењето на државата, која ја создадовме под тешки битки и голем број жртви. Но најголемата грешка е тоа што на почетокот не изградивме заедничка платформа за функционирање на државата обременета со разноразни поделби, што значи ги продолживме поделбите и не изградивме приоритети.
– Што и како понатаму?
Азески: Како цел Балкан, НАТО, ЕУ, обединет Балкан, обединета Европа. Стрпливост за политиката, брзина за бизнисот, одговорност за сите.
– Вашите очекувања за 2024 година?
Азески: Очекувам новата влада, по изборите што ќе се случат напролет, што поскоро да се позанимава со проблемите на реалниот сектор. Мојата прва цел е да продолжиме да ја засилуваме реалната економија, да ги поддржуваме иновациите и да ја стимулираме конкурентноста во нашата бизнис-средина, со поддршка на науката и образовните институции. На регионален план, претседателството со Асоцијацијата на балканските комори оваа година има потенцијал да ја зголеми видливоста на македонската бизнис-заедница на меѓународната сцена и да отвори можности за соработка и инвестиции. Во фокусот на нашето претседателство ќе бидат инфраструктурата, инвестициите и извозот. Во сите овие активности што ќе следуваат, клучна ќе биде поддршката од меѓународните финансиски институции, сѐ во контекст на поголем економски напредок.