„Македоника литера“ ја објави книгата „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“ од Горан Калоѓера, во превод од хрватски на македонски јазик на Славчо Ковилоски, кој е и автор на предговорот.
Како што пишува авторот во воведот на книгата, Рацин е неговиот научен предизвик за кого, уште како млад научник, се обидел детално да ги реконструира престојот во Хрватска и неговите дружења со истакнати антифашисти, писатели, уметници и политички другари. Во воведниот дел проф. д-р Горан Калоѓера пишува за Рацин како интелектуалец, поет, романсиер, публицист, критичар, полемичар, собирач на усно народно творештво, односно за неговата биографија, за неговото место и поврзаност со хрватската култура и со Хрватска воопшто. Главниот дел од книгата е анализа на публицистичкиот опус на Рацин, неговата проза, поезијата (песни на хрватски/српскохрватски јазик), култната книга „Бели мугри“, песните на Рацин надвор од збирки и поетски циклуси, како и збирката народни песни што ја подготвил Рацин пред неговата смрт во 1943 година. На крајот од книгата авторот дава заклучен осврт. Ова е втора книга на Калоѓера за Коста Солев Рацин, првата е напишана на почетокот на неговата научничка дејност.
– Ретко кој македонски поет привлекол толку внимание кај теоретичарите, книжевните историчари и филолозите како Рацин. Рацин беше карпа, брана, првоборец во уметничкиот израз на мајчиниот јазик, потпора и надеж за многумина, пример за идеален револуционер и на крајот жртва. Беше човек визија, предвидел многу историски настани, кои, за жал, се обвистинија. Тој беше најчесното и најчеститото нешто што го имаа Македонците во периодот меѓу двете војни – пишува Калоѓера за Рацин.
– Делото „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“ од Горан Калоѓера е силно, експресивно, набиено со емоции, но и остварување, кое дава одлична слика за времето во кое живеел Рацин, како и за неговата личност. Изнесените анализи и синтези се и тоа како добредојдени за пошироката македонска читателска јавност, а со сигурност ова важи и за хрватските читатели. Всушност, авторот гради уште еден мост на поврзување помеѓу Македонците и Хрватите, во негов препознатлив стил. Тој е директен при соопштувањето на своите согледби и ставови и тоа му дава посебна тежина, убавина и читливост на книгата – пишува во предговорот Славчо Ковилоски.
Горан Калоѓера (Дубровник, 1951) е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите, надворешен член на Друштвото на писателите на Македонија и почесен доктор (doctor honoris causa) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е меѓу најистакнатите македонисти во Хрватска и на Балканот. Објавил триесет и две книги на книжевно-историски теми, како и стотина научни и стручни трудови од областа на јужнословенската компаратистика. Горан Калоѓера извесен период ја извршуваше функцијата почесен конзул на Република Македонија во Република Хрватска. По пензионирањето е прогласен за професор емеритус на Универзитетот во Риека.
Калоѓера е докажан пријател на Македонија и голем поборник за научната вистина за Македонија, а како научник, славист и македонист ужива висок углед, како во Хрватска така и во Македонија.