Ќе пробаме да го искористиме овој период за да се подготвиме и тактички и физички, имаме доволно време за тоа, вели голманот Митревски
РАКОМЕТ – РЕПРЕЗЕНТАТИВНИ ПОДГОТОВКИ ВО СТАРА ПАЗОВА
Македонската ракометна репрезентација веќе е во српскиот град Стара Пазова каде што од четвртокот ги почна подготовките за претстојниот настап на Европското првенство (ЕП) во Германија, кое ќе се одржи од 10 до 17 јануари следната година. Селекторот Кирил Лазаров ги има на располагање сите повикани ракометари, освен левиот бек Филип Талески (Бенфика) и голманот Никола Митревски (Порто), кои поради клупски обврски во португалското првенство, деновиве ќе им се приклучат на другите репрезентативци. Во рамките на подготовките во Србија, на 29 декември е предвиден и пријателски дуел со селекцијата на Црна Гора, а во јануари и два меча со Грција, со која црвено-жолтите неодамна двапати играа во Солун, а остварија една победа и реми.
– Ќе пробаме да го искористиме овој период за да се подготвиме најдобро што можеме и тактички и физички, имаме доволно време за тоа. Знаеме што нѐ очекува на Европското првенство, најтешка група, а ќе играме против два од главните пет-шест фаворити за освојување на златото на ова првенство. Во Германија ќе настојуваме да одиграме најдобро што можеме и знаеме, да го дадеме максимумот, па ќе видиме на крајот каков ќе биде исходот – ни изјави репрезентативниот голман Никола Митревски, кој успешно ги брани боите на Порто.
Македонија по осми пат ќе настапи на европските првенства, а најдобриот пласман го оствари во 2012 година во Србија (петто место), додека најлошиот на последното ЕП во Унгарија и Словачка 2012 година, кога заврши на 22-то место од вкупно 24 селекции.
Македонија на ЕП 2024 е сместена во силната група А, заедно со домаќинот Германија, Франција и Швајцарија. Првиот натпревар ќе го игра на 10 јануари (18 ч.) против Франција во Диселдорф, вториот на 14 јануари (20.30 ч.) против Германија во Берлин и третиот натпревар против Швајцарија исто така во Берлин (18 ч.), два дена подоцна.
Македонија досега на ЕП играла двапати против Германија (која е носител на две злата) и има резултат од еден пораз и едно реми. Загуби на ЕП во 2012 година во Србија, минимално со еден гол, 23-24 иако на полувремето беше 12-12, додека вториот пат на ЕП 2018 година во Хрватска одигра нерешено 25-25 (11-12). Со Франција (носител на три злата) се сретнала само еднаш, на ЕП во Полска 2016 и загубила со 23-30 иако по првиот дел било нерешено (12-12). Швајцарија има четири настапи, но досега не одиграла натпревар со Македонија на ЕП.
На претстојното ЕП 2024 во Германија, титулата ќе ја брани Шведска, која е наедно и најуспешна репрезентација на континенталните шампионати, со пет злата и едно сребро.
Вчера Ракометната федерација на Македонија (РФМ) информира дека билети за натпреварите во групата А каде што настапува и Македонија, по добиената информација од страна на Ракометната федерација на Германија и нивниот организационен комитет, се распродадени.
– Од страна на организаторот преку онлајн мрежата за продажба, во септември 2023 година беа пуштени во продажба и последните слободни 10.000 билети, кои во екстремно брз временски рок беа распродадени – стои во соопштението на РФМ. Г.И.