Зошто Македонија го претрпи својот втор „букурешки момент“ изминатата седмица, на 15 декември, во Брисел? Украина и Молдавија добија датум за почеток на преговорите со Европската Унија. Нивниот пат кон Брисел е навистина без преседан. Настаните од давањето европска перспектива (со други зборови ветување дека еден ден земјата ќе стане полноправна членка), преку доделувањето кандидатски статус, па сè до одлуката за почеток на преговорите со овие две некогашни земји од Источното партнерство се одвиваа со светлосна брзина и се нижеа како на филмска лента. Како и секогаш геополитиката му кумуваше на европското проширување, наместо толку прокламираните технички услови, впивачкиот капацитет на Унијата и другите еднакво плитки изговори.
Минатото петочно утро Балканот осамна со горчлив вкус во усните, веројатно никаде толку жолчно чувството како во Македонија. По промена на Уставот, согласност да се влезе во Обединетите нации под привремена референца, промена на знамето, целосна реконструкција на поделбата на моќта во општеството по етнички линии, промена на името и оспорување на идентитетот, Македонија дознава дека сето тоа било сторено залудно и тотално беспотребно. Дел од овие промени беа донесени консензуално, дел беа контроверзни и на самиот раб на прифатливото, а некои беа едноставно противуставно наметнати против демократската волја на граѓаните. Заедничко за сите овие тектонски промени беше тоа што ниту една од нив не беше донесена доброволно и во согласност со волјата на народот, но сите беа легитимирани во име на европската интеграција и светлата иднина на идните генерации.
Токму затоа 15 декември 2023 година е „вториот букурешки момент“ во современата македонска историја, веројатно потежок и од оригиналниот 3 април 2008 година. Како и при првиот „букурешки момент“ украинското прашање ги засени македонските стратегиски стремежи и Македонија беше жртва на „новата голема игра“ на европското тло.
Јас бев сведок на првиот „букурешки момент“, и тоа како гласноговорник и шеф на владината служба за печатот. Благодарение на тежината на моментот тогаш ми беше овозможен увид во затворената комуникација на македонската дипломатска мрежа по ова прашање (жаргонски наречена крипто во палатата „Борис Сарафов“), но имав можност и од прва рака да ги следам средбите на тогашниот премиер Никола Груевски со американските и европските емисари. Како и во секоја дипломатска служба, така и во македонската, се следеше секој миг, гест или збор на кој било соговорник, од кој било меридијан, за да се осветли внатрешното одлучување кај грчката влада, но и кај стожерната НАТО велесила – Соединетите Американски Држави. Од оваа дистанца ќе мора да го пофалам тогашниот амбасадор во Атина, д-р Благој Ханџиски. Неговото долго политичко и дипломатско искуство, влог во изучување на грчкиот јазик, култура, општество, економија и политика, како и неговиот нималку суптилен патриотизам, овозможи носителите на одлуки во Македонија да имаат јасен, недвосмислен и непосреден увид во одлучувањето кај грчката влада, дебатите во грчкото општество и подготовките за грчко вето. Неговите дописи (телеграми во жаргонот на македонската дипломатија) беа вистинско ремек-дело, дипломатско, аналитичко, па и литературно. Се надевам дека неколку децении отсега некој млад истражувач ќе се дрзне да напише труд за овој период од македонската историја, па ќе се нурне во документацијата и во нашите усни сведоштва. Дипломатскиот труд на амбасадорот Ханџиски ќе биде непроценлив. Исто така, некои од дипломатите на квинтата, особено британската, а многу посуптилно и француската амбасада, јасно укажуваа што подготвува Грција. Нема да ја коментирам преостанатата кореспонденција во македонската дипломатска мрежа, но доволно е да се напомне дека на сите им беше јасен фокусот и стратегискиот интерес на државата, но дека анализите, процените и телеграмите ги отсликуваа дипломатските, политичките и пишувачките способности на главните протагонисти на тогашната македонска дипломатија, а распонот беше од извонреден до срамен (како и кај секоја дипломатија горе–долу, па некои анегдоти што се влечат од тоа време во кулоарите на МНР се целосно точни, а некои се тотални измислици).
Меѓутоа американската дипломатија тогаш ширеше оптимизам и тврдеше дека нештата се решени, а американската амбасада одржа и затворен брифинг за новинарите во предвечерието на самитот каде што на претставниците на македонската седма сила им беше укажано дека земјата сигурно ќе стане членка на НАТО во Букурешт (пораките од прес-службата на тогашниот македонски претседател го следеа ритамот на американскиот оптимизам). Кој знае колку сум им изгледал смешно на безмалку истите новинарски пера кога неколку часа подоцна јас држев затворен брифинг каде што тврдев дека прашањето за македонското членство во НАТО не само што воопшто не е затворено туку дека најверојатно се движиме кон вето. По фијаското во Букурешт прашав зошто никој не ми веруваше, а одговорот беше помалку налудничав, па ми се раскажуваше дека сме имале некој пеколен план намерно да ги рушиме очекувањата, па кога ќе се покажело дека влегуваме во НАТО еуфоријата да рипне во небо, а со тоа и рејтингот на тогашната влада. Елем, другото е историја… Имаше и панични, или поточно комични, обиди нештата да се спасат во последен момент. Сепак, должен сум да напоменам дека утредента американскиот државен врв и дипломатија беа првите што пријдоа кон македонското државно раководство, претседателот Буш и државната секретарка Кондолиза Рајс водеа отворени муабети и разработуваа решенија, од кои произлезе и извршната спогодба за стратегиско партнерство, предложена од тогашниот шеф на македонската дипломатија Антонио Милошоски.
Лекциите од Букурешт требаше да бидат поука за македонската политика, но, за жал, тоа не беше случај (македонската дипломатија многу добро го помни првиот „букурешки момент“, но што е користа кога државниот врв одбива да ги искористи советите на институцијата што е чувар на македонската државна меморија).
Што се случи тогаш во Букурешт? Ден пред македонското вето, на 2 април 2008 година, НАТО го усогласи текстот на изјавата (декларација) на шефовите на државите и владите на Алијансата каде што беа потврдени евроатлантските аспирации на Украина и на Грузија. Иако не беа усвоени „Акционите планови за членство“ на овие две земји, сепак и Украина и Грузија значително ги поправија своите позиции и дојдоа буквално до перонот каде што се ставаат на шини возовите што водат до полноправно членство во НАТО. Имајќи ги предвид сериозните резерви на Москва кон ширењето на НАТО кон руските граници токму на оваа точка американската дипломатија ги вложи сиот свој габарит и тежина на стожер на евроатлантската алијанса. Еден ден ќе ги дознаеме и деталите околу преговорите внатре во Алијансата поврзани со Украина и Грузија во и околу Букурешт 2008 година, но секако дека главните протагонисти биле претседателите Буш и Саркози, канцеларката Меркел, како и премиерите Браун, Ердоган, Проди и Запатеро. Некаде во геостратегиските равенки дали да им се даде евроатлантска (НАТО) перспектива на Украина и на Грузија, како и при самите разговори на оваа тема, испари македонската апликација за членство во НАТО. Овие две земји се наоѓаат на самата граница на стратегискиот ривал на НАТО за превласт на европскиот континент и на целата евроазиска плоча, Русија, а Македонија се наоѓа длабоко во евроатлантскиот простор, цврсто е интегрирана и со НАТО и со ЕУ, нема никакво друго критично странско влијание во земјата, освен американското и европското, па нормално дека можела да се одложи одлуката за нашето членство.
Сега на ред е европската интеграција на Украина, Грузија и на Молдавија. Честитки за Украина и Молдавија! Значи, очигледно е можно да се отворат пристапните преговори дури и ако не се постигне едногласност. Неопходната состојка се нарекува политичка волја и да останете верни на вашите вредности, во случајов европските вредности.
Што се однесува до мојата Македонија… агонијата продолжува. Секогаш се истакнувавме кога бевме оценувани по објективни, транспарентни и демократски критериуми. Сепак, секогаш губевме кога бевме изложени на ирационалниот етнички балкански шовинизам и рамнодушноста на европските метрополи.
Најискрено им посакувам на Украинците брза европска интеграција… Ја заслужија! Тие се изборија и се борат за својот идентитет, култура и државност. Но и на најцрните душмани не им посакувам македонски евроинтеграции.
Нашата европска приказна стана бескрајна ноќна мора пред многу години без речиси никаков крај. Сепак, Македонија ќе стане членка на Европската Унија, но нема да ги заборавиме неправдите.
Се надевам и посакувам Европа да си ја најде сопствената душа во Украина…
… онаа што одамна си ја загуби во Македонија (и на Балканот).
Кога си тепаат слоновите, тревата страда.