Бесмислата преправена во смисла, облечена како Хармс

Сонував сцена од неснимениот филм „Животот на О’Брајан“. Во неа, американскиот дипломат О’Брајан се расправа со својот сосед, кој го замолил, кога веќе оди во Нордистан да му купи кола од Мицковски, а О’Брајан наместо договореното, му купил елка од Данела, француска преговарачка рамка за слики од Бујар и визии за европскиот пат од Таче. Што ќе ми е европски пат, ако немам кола за по него да возам, вика соседот, па додава, башка, види го патов, сто години се гради, никогаш нема да го довршат, а и трасата му е крива. Не се секирај, го теши О’Брајан, сега наша фирма ќе го направи тој европски пат, прекрасен, а кола ќе ти купам од Бајден.
Тука соседот сосема одлепува. Од Бајден (???), крикнува, каква кола ќе ми купиш од Бајден (?), онаа ли количка што ја чува до плишаното мече што му ги имаат ставено во актовката со координати за нуклеарките, па да си играм брррм, брррм, по европскиот пат на Нордистан што ни наша фирма, ни свети наша фирма не го оправа? И додава, а со елкава што да правам (?), види ја каква е, не можам ни да се обесам на неа. О’Брајан го смирува. Ама земи, му вели, накити елката, а на ѕидот закачи ја францускава преговарачка рамка за слики, еве и слика ти купив, ова е Дедо Мраз, личи на овој нашиот што рекламира „кока-кола“, само што овој е роден во севернобугарската провинција Лапонија, која, нормално, има грчка историја.
Се разбудив уморен. За среќа, ме расположи бучавата на хеликоптерот што ми лета низ собата. Веднаш знаев дека тоа МВР на Спасовски испишува историја. Подоцна прочитав дека спасиле ловџија. Си реков, петок е човеку, треба да пишуваш колумна, ама глупо е да штракаш по тастатура кога околу тебе се испишува историја. Се согласив со себе, па сето она смислено го истурив низ прозор и одлучив наместо до смисленото, да се држам до бесмисленото. Долу од улицата некој гадно ме опцу. Погледнав надвор и сфатив дека смисленото сум го истурил врз главата на Хармс, кој тоа утро одлучил да се преправи во Пушкин, ама во облека што вообичаено ја носи Гогољ. Ми стана јасно дека зјапам во руско влијание и панично ја спуштив ролетната за да не бидам прозван од некој фактчекер што секогаш ја Мери (Попинс) вистината.
Патем, од мои блиски извори во иднината, точно знам дека, освен МВР, и МОН испишува историја… нов учебник по историја, ама по грешка го испишува како учебник по географија за на крајот, по грешка да го испечати во корици на учебник по математика. Но тоа не е важно бидејќи наскоро одиме на избор… на новогодишна прослава. Ако земеме предвид дека Нордистан е колепка на новата нормалност во која ропството е слобода, а лудилото мудрост, тогаш логично е дека најлудата ноќ, за нордистанците е именден, државен празник и патронат, истовремено. Овој празник има и ритуално, магиско значење зашто се наоѓа на средина меѓу 29 ноември и 4 јули, што симболично го покажува нордистанскиот пат на еволуција од Југословени во Американци. По повод тоа, оваа година за првпат е воведен ритуалот „реденка за нордистански пасош“ каде што празнично одлепената толпа народ, исполнета со радост и ЕУфорија се турка, се гмечи, се пцуе, едни паѓаат во несвест, а други во севдах, среќни дека вторпат плаќаат за да извадат нов пасош кон иднината, бидејќи, секако, стариот не им е истечен. А-ха, за разлика од умот, пасошот не им е истечен, ама, ете, мораат, во тој пасош е новото име со виза за иднината, позната како ЕУтаназија, име што веќе неколку години ни ги плаќа сметките… ни ги наплаќаат сметките на безумноста и кукавичлукот.

Некој ми ѕвони на врата. Пред мене стои оној ист Хармс преправен во Пушкин, ама со облека што вообичаено ја носи Гогољ. Забележувам дека се преоблекол, сега е во облека на Платонов (не филозофот Платон на кого вистинското бугарско презиме му е Платонов, туку Андреј Платонов, руски писател). И додека уплашено се ѕверам дали некој сосед ме гледа како разговарам со руска пропаганда, овој насмеан ми кажува дека му поминала лутината, оти му истурив смисла врз глава, па ми предлага да пиеме кафе додека гледаме како паѓаат влади. Мислиш баби, велам, да гледаме како паѓаат старици, бидејќи такво нешто му приличи на Хармс, а не влади. Не, не… влади, повторува, ќе паѓаат влади, и тоа, од ЕУ, преку Нордистан, до САД, ама ај свари кафе, па ќе видиш.

И тогаш ми стана јасно. Не е тоа Хармс преправен во Пушкин, а облечен како Платонов, туку Хармс преправен во Пушкин, во облека на Шолц. Не, крикнав во себе, се завртев кон огледалото и ме обзема сериозен ужас. Во огледалото не е мојот одраз, туку одразот на… Орбан??? Бегај од мене, вреснав гласно. Одразот на Орбан мирно се заврте и замина. Останувајќи без одраз, ја замолив бесмислата веднаш да појде по Унгарецот. Можеби некаде ќе налеташ на мојот одраз, ѝ реков, оти вака „безодразен“ се чувствувам безобразен, како цар во ново руво, како Петер Шлемил без сенка, како Нордистан без датум за преговори. Бесмислата се согласи и тргна по Орбан. Кога се врати, сè ми раскажа. Орбан преправен во мутав и Шолц преправен во мангуп, пиеле кафе додека се гласало отворање преговори на Украина и Молдавија со ЕУ. Јаделе и од оние колачиња што ја предвидуваат иднината. Во колачето на Орбан, подметнат текст на Шолц, кој гласи, „Нема да ставиш вето за Украина!“. Ама и во колачето на Шолц, подметнат текст од Орбан, со следната содржина, „Важи бе, Улаф, (инаку во унгарскиот јазик како бугарски дијалект, Олаф звучи како Улаф), ќе прекршам консензус со кој ја силуваме Македонија, нема да ставам вето, ама прво ЕУ да ми ги одмрзне милијардите и да… можам уште седумдесет пати да акнам вето за Украина, немој да мислиш дека ќе пиеме седумдесет кафиња, опашка ќе ми никне, брат!“.
Половина час подоцна, ете ја и смислата што ја фрлив низ прозор, се врати за да се смести во последната реченица, давајќи ми колаче со порака од Путин во чиј текст се гледа дека смислил како Украина да влезе во два моќни блока истовремено и тоа без никакви пристапни преговори, односно половина може веднаш да се интегрира во ЕУ како дел од Унгарија, Полска и Романија, а другата половина како дел од Русија, директно во БРИКС што секако може да се примени и врз Нордистан, бидејќи албанските општини сами ќе тргнат кон Унијат… кон ветото на Грција, а општините со мнозинство нордистанци одамна имаат вето од логиката.