Како Хамас политички го победува Израел

Несомнено е дека во урнатините на палестинските градови и села се раѓа нова генерација на млади полни со омраза против колонизаторот и опресор Израел. Tие ќе бидат новите регрути за Хамас

Можеби е шокантно за многумина, но секој изминат ден од 7 октомври, кога Хамас изврши ѕверски напад во Израел со убиство на 1.200 лица и киднапирање на над 200 израелски цивили, потврдува дека Хамас политички победува во оваа војна. Организацијата што се наоѓа на листата на терористички организации во ЕУ и во САД се наметнува како единствен претставник на Палестинците и како единствен соговорник за идни разговори во мировниот процес, кој, неминовно, еден ден ќе се врати на меѓународната агенда. Поддршката за нападот на Израел врз Газа, по 7 октомври, за западната јавност беше примена како прифатлив одговор по нападот на Хамас. Но многу брзо се покажа дека Израел исто така сурово и нехумано се однесува кон палестинското население.
Политичкото крило на Хамас и сега е единствениот соговорник за хуманитарниот прекин на оган и преговорите за ослободување на заложниците. Хамас секој ден добива популарност. Во светот има повеќе примери кога некогашни терористи станале власт – Алжир, Ирска, Јужна Африка….
Една анкета на јавното мислење меѓу Палестинците објавена на 13 декември од агенцијата АП покажува пораст на поддршката за Хамас. Истовремено покажува дека речиси 90 отсто од испитаниците се против Махмуд Абас, претседател на Организацијата за ослободување на Палестина, поддржан од Западот. Палестинците го поддржуваат Хамас како движење на отпорот против израелскиот окупатор.
Пресвртот на расположението на Европа во овој децениски конфликт, започнат во 1948 година, во кој Израел ја имал стопроцентната поддршка на западните влади, може да се лоцира во мигот на посетата на 24 ноември, на шпанскиот премиер Педро Санчез, актуелен претседавач со ЕУ, и на белгискиот премиер Александар де Кро, претседавач со ЕУ од 1 јануари 2024 година.

Двајцата беа водени од сѐ поголемата поддршка на нивните граѓани за Палестинците, изложени на непрекинато и неселективно бомбардирање од израелската армија. Видеоснимките што нонстоп дефилираат на медиумите и социјалните мрежи за европските граѓани стануваат неиздржливи. Обидите на некои ЕУ-влади да ги забранат протестите за поддршка на Палестина не успеаја. Токму тој пресврт се отслика и во гласањето за резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации, која повика на „итен хуманитарен прекин на огнот“. Во октомври 121 земја гласаа за примирје. Во декември беа 153. САД беа единствената голема земја што гласаше против прекин на огнот, како што гласаше и Израел. Поддршката за Израел во ЕУ почнува сериозно да бледнее, а Израел ризикува да ја загуби меѓународната поддршка.
Од 7 октомври до денес во Палестина се убиени над 18.000 цивили, од кои над половината се деца и жени. Повеќе од два месеца бомбите на Израел убиваат цивили, стари, болни, жени, деца. Урнати болници, училишта, лекари без лекови и средства за негување на ранетите, ампутации без анестезија и незамислив хорор за кој медиумите секој ден известуваат. Во Газа се фрлени над 40.000 тони експлозиви.
Несомнено е дека во урнатините на палестинските градови и села се раѓа нова генерација млади полни со омраза против колонизаторот и опресор Израел. Tие ќе бидат новите регрути за Хамас. Прокламираната цел на Израел за искоренување на Хамас е сосема спротивна од реалноста со која се соочува теренот во Газа. Според Х.А. Хелиер од фондацијата „Карнеги“ во Вашингтон, конфликтот ризикува да создаде „Хамас 2.0“ или можеби „полошо, друга група што сè уште не сме ја виделе“, но не може да ја спречи радикализацијата, вели тој за НБС.
„Ќе радикализирате повеќе луѓе“, вели за НБС Ханан Ашрави, палестински политичар и преговарач. „Со ова не само што ќе се зголеми траумата – ќе се зголеми и желбата за одмазда“.
Според известувачката на ООН за Палестина Франческа Албанезе, војната во Газа ризикува да стане „најголем случај на етничко чистење“ во историјата на Блискиот Исток. Волкер Турк, висок комесар на ОН за човекови права, на 8 ноември изјави дека „израелското колективно казнување на палестинските цивили е исто така воено злосторство, како и нелегалната присилна евакуација на цивили“. Тој додаде дека и Хамас извршил воени злосторства. Де Кро и Санчез побараа од премиерот на Израел да го почитува меѓународното право, да ги заштити цивилите и да дозволи хуманитарен прекин на оган. Премиерот Бенјамин Нетањаху и неговата ултрадесна влада, се обидоа пред Де Кро и Санчез да ја споредат акцијата во Газа со акциите на САД и Велика Британија против нацистите во Втората светска војна.
„Во Европа, по ужасот на Втората светска војна, дојде до помирување и обнова. Ова мора да се случи и овде, морa да има прекин на огнот“, изјави Де Кро по средбите во Израел. И додаде дека тоа бара политичка храброст.

И шефот на ЕУ дипломатијата Јосеп Борел им се придружи на критиките со изјавата дека уништувањето на градовите во Газа е можеби поголемо од она на германските градови на крајот на Втората светска војна. EУ е сериозно загрижена за парите што Кнесетот (Парламентот на Израел) ги одобри за изградба на населби за израелските доселеници во Западниот Брег. Во својата реакција ЕУ се противи на населувањето на „екстремистичките доселеници во окупираниот Западен Брег“.
„ЕУ го повторува своето противење на политиката и активностите на Израел за населување, вклучувајќи и во и околу Источен Ерусалим. Одобрувањето на овој дополнителен буџет доаѓа во контекст на зголеменото насилство врз Палестинците од страна на екстремистичките доселеници на окупираниот Западен Брег, кое достигна невидени нивоа. Од терористичките напади на Хамас против Израел на 7 октомври, насилството кај доселениците драстично се зголеми со околу 1.000 Палестинци што беа принудени да ги напуштат своите домови“, пишува во реакцијата на ЕУ.
Да потсетиме дека во текот на првите недели на израелската воена акција во Газа, Израел ја имаше целосната поддршка на ЕУ. Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола, претседателките на Европската комисија и парламентoт, го посетија Нетањаху и го одобрија бомбардирањето на Газа.
Зад непоколебливата американска поддршка за Израел, Бајден покажа дека проблем сепак постои. Тој рече дека Нетањаху мора „да ја смени оваа влада, која многу му ја отежнува задачата“, во која учествува екстремниот десничар Итамар Бен-Гвир (министер за национална безбедност), оваа „најконзервативна влада во историјата на Израел“, како што рече Бајден.
Потоа додаде дека Бен-Гвир и тие околу него не сакаат решение за две држави. „Не можеме да кажеме ’не’ за палестинска држава“, додаде Бајден. Зад решението за две држави, израелска и палестинска држава, стои меѓународната заедница, но Израел отворено одбива такво решение и дискретно бара од САД да не даваат изјави во таа насока.
Во врска со убивањето цивили, Бајден додаде дека Нетањаху му посочил дека Германија во Втората светска војна била бомбардирана и многу цивили загинале. „Да, затоа сите овие институции беа создадени по Втората светска војна за да бидеме сигурни дека тоа нема да се повтори. Да не се повтори“, изјави Бајден. И испрати совет до Израел: „Не правете ги истите грешки што ги направивме по 11 септември. Немаше причина да одиме во војна во Авганистан по 11 септември. Немаше причина да правиме некои од работите што ги правевме“.
Поддршката на САД и на ЕУ за Израел ќе опстојува, но ризикот за длабока поделба на западните општества по ова прашање е огромен и бара деликатен политички баланс.
Како што потсети деновиве шпанскиот „Ел паис“, не смее да се заборави дека апартхејдот во Јужна Африка падна затоа што стана неподнослив за светското јавно мислење. Не смее исто така да се заборави дека и Нелсон Мандела за САД беше терорист. Мандела беше основач на МК, вооружената бранша на политичката партија АНЦ. Во јули 2008 година, претседателот Џорџ Буш го избриша неговото име од оваа листа.

Светлана Јовановска

(Республика.еду.мк)