По 18-ти пат утре во Прилеп ќе се одбележи одржи патрониот празник на градот Свети
Никола. Годинава празникот ќе се чествува со нов концепт, но во духот на христијанската вера и традиција. Освен литургија во црквата св. Благовештение за градската слава ќе има литија, настап ќе има црковниот хор и естрадната ѕвезда Калиопи. Домаќин е компанијата „Комфи Ангел“ и тоа по вторпат, искажувајќи ја својата општествена одговорност.
Менаџментот на „Комфи Ангел“ вели дека ќе се слави под отворено небо и за сите ќе има славска посна храна. Домаќинот организира кетеринг-компанија за подготовка
на светиниколската трпеза.
– Традиционално за секој празник Свети Никола нашите вработени се ослободени од
своите работни обврски и имаат задача да бидат дел од градската слава, така ќе биде и оваа година. Ќе бидат поставени маси и столици за да може цела популација достоинствено да си седне, да проба од славската храна. Целта на една слава е да се сподели енергијата меѓу што повеќе луѓе, да се сподели убавината за енергијата да се вклопи и да се врати позитивната енергија на нашиот град. Калиопи ќе биде онаа која ќе ја сподели нашата позитивна енергија за градот со нас, настапот ќе биде на камената бина, така да ја користам оваа прилика да ги повикам сите прилепчани максимално да бидеме присутни на тој ден, и заедно да си ја споделиме убавата мисла и енергија, за едно подобро утре, за еден подобар Прилеп кој ние го заслужуваме – изјави домаќинот Ирена Јакимоска, сопственичка на „Комфи Ангел“.
Сармите и другата храна ќе ги подготвува компанија со која домаќините потпишале договор, во рамките на законските прописи за ХАСАП-системите. Во рамките на манифестацијата се реализира турнир во мал фудбал.
Свети Никола стана патрон на Прилеп во 2005-та година со одлука на тогашната
локална власт, бидејќи речиси половината од домаќинствата го слават како куќна слава. Во 2008 година со порција од 80.191 сарми, Прилеп влезе во Гинисовата книга на рекорди. Ка.М.