Во „Аудиокултура“ се одржа промоција на новиот роман на Тина Иванова, под наслов „Се чини сѐ уште постои љубов или: Љубов во време на корона“. Промотор на книгата беше новинарот, писател, активист за човекови права Џабир Дерала. Промоцијата беше збогатена со настап на двајцата извонредни пијанисти Дино Имери и Дуња Иванова.
Книгата зборува за предрасудите, пред сè за религиските, а со тоа и за социјалните судови, за неразумните однесувања и за искривеностите во верувањата, наметнати од религиските авторитети помеѓу луѓето, кои се провлекуваат низ одредени дијалози и размислувања на главниот лик Ана. Низ размислите, во дел од случувањата на Ана, на нејзиниот емотивен живот како жена, се јавува аспект на одредена потиштеност и резигнираност на една разведена жена и сите стравови што се наметнуваат од статусот, како и за соочувањето со тоа во едно гнило општество. Таа го наоѓа својот пат кон бога, пат што го наоѓа со помош на најголемиот композитор на сите времиња Јохан Себастијан Бах.
Тина Иванова (1976, Скопје) е музиколог и продуцентка, со долгогодишно искуство во новинарството, а зад себе има и шест авторски книги.