Претседателот на Владата и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска изјави дека очекува наскоро да има средба со претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на тема „техничка Влада“.
– Секако дека ќе имаме состанок со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи сметам дека тоа е најнормална комуникација, во која што ќе бидат разговарани овие теми. Меѓутоа, сепак не се работи за нешто што може да има слободно толкување, се работи за законска одредба во однос на ресори и позиции коишто секои од партиите застапени во Парламентот согласно законското решение ги пополнува – истакна Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Прашан кога би се сретнале со Мицкоски, Ковачевски одговори дека тоа ќе се случи скоро, но, како што рече, бидејќи се работи за техничко прашање мисли дека тоа и нема да биде помпезна лидерска средба, како што обично знаат да бидат.
Премиерот Ковачевски додаде дека техничката Влада е законска обврска, и за изборите во земјава ќе има техничка Влада, затоа што, потенцира, законите се тука да се почитуваат.
– Ние ако зборуваме за владеење на право тогаш не може да велиме еден закон ќе се почитува, а друг закон нема да се почитува или овој закон ќе се почитува така како што е напишан, а овој ќе се почитува на некој друг начин. Моја законска обврска е на 100 дена пред одржување на изборите како претседател на Влада да поднесам оставка и јас тоа ќе го направам во законскиот рок, а обврска на политичките партии согласно закон е да делегираат свои претставници во таа техничка Влада што ќе ги спроведе изборите – вели Ковачевски.
Тој потенцираше дека процесот е многу јасен и во текот на наредниот период ќе бидат направени сите законски процедури, за да се реализира.