Унгарскиот премиер Виктор Орбан на средбата со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел повтори дека Унгарија нема да го поддржи отворањето на пристапните преговори со Украина во ЕУ.
– Нашиот став е јасен: не го поддржуваме избрзаниот пристап на Украина во ЕУ – напиша Орбан на „Фејсбук“.
Во видеото објавено на мрежата, Орбан рече дека дводневниот состанок на ЕУ, кој започнува денеска, ќе се фокусира на шансите на Украина да се приклучи на европскиот блок.
Тој додаде дека раководството на ЕУ сака на дневен ред на состанокот да го стави прашањето за отворање на пристапните преговори со Украина и се обидува да ја охрабри Будимпешта да се согласи на оваа одлука.
– Сметаме дека пристапот на Украина во ЕУ би имал катастрофални последици за Унгарија. Во сегашните околности, пристапот на Украина во ЕУ изгледа ненавремен. Затоа, не треба да се поддржи – смета унгарскиот премиер.
Во средата, во унгарскиот парламент, Орбан презентираше детални аргументи против почетокот на пристапните преговори со Украина.
Унгарската влада смета дека Украина се уште не е подготвена за преговори и дека нејзиното пристапување во ЕУ сериозно ќе им наштети на интересите на сите членки на блокот.
Огромното мнозинство унгарски пратеници го поддржаа тој став.