Фото: МИА/Архива

Јавниот обвинител Дарко Јакимовски денеска во завршен збор побара најстрога казна за обвинетите во случајот со несреќата кај Ласкарци. Според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето можел да резултира со вакви или слични последици“.

Во завршните зборови обвинителот истакна дека изведените докази во текот на расправата, надвор од разумен сомнеж покажуваат дека дејствијата на сите обвинети се во директна врска со последицата која резултираше со 16 загинати лица.

Обвинителот потенцираше дека кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето.

– Било прашање на време само по која основа хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици – рече обвинителот.

Според него, сите имале правна должност да спречат да не дојде до оваа последица и посочи дека смета дека не се работи за лекомисленост бидејќи, како што рече, штетните последици можеле да ги спречат.

– Предлагам обвинетите најстрого да бидат санкционирани за делата кои им се стават на товар. Станува збор за особено тешки последици, некои од оштетените ќе живеат со тие трауми цел живот – посочи обвинителот.

Тој рече дека постои исклучителен степен на одговорност кај секој од обвинетите, нивното однесување по стореното дело го оцени како незанемарливо, а односот на обвинетите во текот на постапката рече дека е респектабилен.

– Потребно е да одмерите на секому според заслуженото, водејќи сметка за својствата што ги имале при работењето, нагласи Јакимовски.

Побара на сите обвинети да им се забрани вршење на професија.

– На обвинетите не смее да им се дозволи во иднина да се бават со вакви работи. Да им изречете забрана за вршење професија и да не оставите никој од нив да има допир со сообраќајот од кој било аспект – рече обвинителот, кој дополни дека автобусот треба да се одземе како предмет наменет за извршување на кривично дело.

Јавниот обвинител истакна дека очекува вистинско правораздавање, како што рече, не само затоа што доказите тоа го докажуваат, туку затоа што жртвите, оштетените, граѓаните и сите во постапката тоа го заслужуваат.

Полномошниците на оштетените се согласија со завршниот збор на јавниот обвинител, побараа осудителна пресуда и предјавија трошоци.

По паузата, расправата ќе продолжи со завршни зборови на одбраната на обвинетите.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Според членот 300 став 2 од Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години.