Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров денеска предложи да се одржи меѓународна конференција на претставници на светските сили и арапските земји, со цел да се реши израелско-палестинскиот конфликт.
– Единствениот начин да се реши овој проблем засекогаш и на фер начин е да се одржи меѓународна конференција со сите пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН – изјави Лавров пред пратениците во Думата.
Тој исто така рече дека на таа конференција треба да учествуваат земјите членки на Арапската лига, Организацијата за исламска соработка и Советот за соработка во Персискиот залив.
Сепак, остана нејасно дали Лавров смета дека треба да учествува и Израел, наведуваат израелските медиуми.
Тој оцени дека „продолжувањето на неправдата кон палестинскиот народ, кому му беше ветено создавање палестинска држава, поттикнува многу сериозни терористички и екстремистички чувства“.
Лавров, исто така, го обвини Израел дека ги срамнува со земја станбените области на Газа, а ситуацијата на таа палестинска територија ја нарече страшна. Тој изрази сомневање за израелските тврдења за бројот на убиени цивили.