Поранешниот шеф на контраразузнавачка служба на Германија, Ханс-Георг Масен, во телевизиско интервју изјави дека „Европа се соочува со криза без преседан поради масовната имиграција“, дека „исламот е добро подготвен да ја освои Европа“ и дека „Германија и Австрија можат многу да направат за да ја запрат претстојната криза“!
Поранешниот шеф на германското контраразузнавање Ханс-Георг Масен излезе во јавноста со став што ја шокира европската јавност:
Неодамна во јавноста, преку германската телевизија ФПО, Ханс-Георг Масен, поранешен директор на службата за контраразузнавање на Германија, сподели многу шокантен став од кој не само Германија туку и целата европска јавност беше вџашена. Тоа беше не само поради самата изјава како таква туку и поради тоа што беше изречена од лице што до пред само неколку години беше прв човек на германската безбедносна служба БфВ, кое располагало со исклучително сензитивни безбедносно-интересни информации што ги засегаат прашањата за заштита на уставниот поредок на Германија, како и внатрешната безбедност на ЕУ.
– Ни се приближува сосема поинаква култура. Воопшто не сме подготвени за тоа, бидејќи не сме способни да ги решаваме конфликтите на кој било начин, особено не со насилство, како што го прават тоа семејните кланови од арапските земји. Овие луѓе ги решаваат конфликтите со насилство, додека луѓето во Централна Европа мислат дека тоа може да се направи само преку судови. Европејците ќе подлегнат на исламот. Од една страна затоа што не можат ниту да видат дека се случува овој конфликт, а од друга затоа што не можат да ги решат конфликтите на сличен начин – рече Масен во интервју за ТВ ФПО, наведувајќи дека „крајниот резултат ќе биде постепено уништување на нашата европска култура“.
Ханс-Георг Масен ги опиша Европејците дека живеат без визија или мисија, додека другите култури во подем имаат јасна претстава за тоа кои се тие и кои се нивните цели.
– Не знаеме каде сакаме да одиме. Не знаеме како треба да изгледаат Германија или Австрија во 2030 година. Живееме само во моментот и затоа губиме од другите, кои имаат религија или идеологија, кои знаат каде сакаат да одат. Ни недостига мисијата. Претежно муслиманите доаѓаат кај нас со сосема поинаква свест за културата, религијата и семејството. Во секуларна Европа, религијата и семејството – ако сè уште се важни – се работа на поединецот, но во овие култури тоа е прашање на масите – продолжи тој.
Поранешниот шеф на разузнавањето рече дека Германија и Австрија би можеле да почнат да ги одвраќаат луѓето на границите – поради регулативите на трети земји. Понатаму, државата би можела да депортира или да обезбеди доброволно заминување за „стотици илјади странци што не сакаат да се интегрираат и кои би можеле да извршат криминал и да продолжат да зависат од социјалните бенефиции од државата“. Една од главните спорни точки за западните влади е тоа што другите нации одбија да ги вратат своите државјани, но Масен рече дека има многу алатки за справување со таквите нации.
– Исто така треба да биде можно да се убедат странските земји да ги прифатат нивните државјани по налогот за депортација. Ако не го сторат тоа, можете да ги замрзнете нивните средства, да ги спречите (нивните граѓани) да патуваат во Европа и други работи. Мора да ги убедите тие држави да се однесуваат во согласност со меѓународното право – рече тој.
Масен се сомнева дека германските политичари планираат да преземат какви било сериозни мерки против илегалната имиграција и покрај зголемените ризици.
– Зошто не ги принудуваме земјите како Италија и Грција конечно да го направат она што треба да го направат според европските договори, а тоа е разумна заштита на границите? Зошто ги оставаме овие луѓе да дојдат кај нас, да ги хранат и да трошат милијарди на нив, додека многу локални жители, кутри пензионери со 920 евра пензија по полн работен век, мора да собираат шишиња – рече Масен.
Кој е Ханс-Георг Масен, поранешен директор на службата за контраразузнавање на Германија
Од 2012 до 2018 година Ханс-Георг Масен беше претседател на Канцеларијата за заштита на Уставот (BfV). БфВ е главната германска внатрешна безбедносна служба, задолжена за контраразузнавање и заштита на уставниот поредок на Германија. Имено, сојузната контраразузнавачка служба БфВ е формирана во 1950 година, со главно седиште во Келн. Има околу 3.500 вработени и годишен буџет од 450 милиони евра. Во моментов директор е Томас Халденванг. БфВ е еден дел од германската безбедносна заедница, заедно со сојузната разузнавачка служба БНД и воената безбедносна служба БАМАД.
Што се однесува до поранешниот директор на БфВ Ханс-Георг Масен, тој сега е член на партијата ЦДУ (Христијанско-демократска унија). Интересно е што во февруари годинава извршниот комитет на партијата ЦДУ едногласно одлучи да започне процедура за негово исклучување од партијата и веднаш да му го одземе членството на Масен поради изјави што партијата ги интерпретирала како „антисемитски, десничарско екстремистички и теории на заговор“. Но, во јули 2023 година, окружниот партиски суд на ЦДУ во прв степен го отфрли исклучувањето и го смени повлекувањето на членството.
Подготвил: Митко Јовановски