Ужасите направени од Хамас и од другите екстремисти се штетни за палестинските интереси. Лидерите што ги сретнав во Рамала го признаваат тоа. Сепак, за нив основното прашање лежи во израелската окупација. Тие се борат да им објаснат на гласачите зошто нивната слобода на движење е ограничена, додека дивите населби цветаат и доселениците се слободни да ги нападнат. Тие исто така не можат да обезбедат безбедност на окупираниот Западен Брег додека Израел ги задржува палестинските даночни приходи што ги собира во име на палестинската управа
Само што поминав пет дена на Блискиот Исток. Заедно со Украина, таа стана еден од најнестабилните региони во светот. Ќе има периоди на смиреност што може да остават впечаток дека тензиите се намалуваат, но израелско-палестинскиот конфликт останува поприсутен од кога било и тука е да остане. Нашата политичка миопија, да мислиме дека овој конфликт може да се справи со тоа што ќе го усвоиме решението за две држави и потоа ќе го оставиме да гнои, мора да заврши. Не само од причини на хуманост, правда или морал туку затоа што ако не го поправиме сега, тоа може да предизвика раселување на луѓето, вклучувајќи и кон Европа, и да го влоши ризикот од тероризам и тензии меѓу заедниците.
Регионот повторно е прогонуван од трауми и бес. Израелците се длабоко погодени од масакрот на 7 октомври, кој резултира со над 1.200 убиени и повеќе од 200 заложници. Палестинците се соочуваат со хуманитарна криза во Газа, уште еден масакр со повеќе од 13.000 жртви, пред сѐ жени и деца, заедно со нападите на израелските доселеници на окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим. Во петокот стапија во сила привремениот прекин на огнот и делумното ослободување на заложниците. Се надевам дека тоа ќе создаде позитивна динамика што ќе доведе до ослободување на сите заложници и до крај на непријателствата.
Ужасите направени од Хамас и од другите екстремисти се штетни за палестинските интереси. Лидерите што ги сретнав во Рамала го признаваат тоа. Сепак, за нив основното прашање лежи во израелската окупација. Тие се борат да им објаснат на гласачите зошто нивната слобода на движење е ограничена, додека дивите населби цветаат и доселениците се слободни да ги нападнат. Тие исто така не можат да обезбедат безбедност на окупираниот Западен Брег додека Израел ги задржува палестинските даночни приходи што ги собира во име на палестинската управа.
Еден ужас не оправдува друг. Сепак, секоја страна гледа само на својата страна на трагедијата, на она што се случи вчера или на она што се случува денеска. Но ќе има утре што ниту една страна сѐ уште не може да го замисли. Израелците веруваат дека треба да го елиминираат Хамас за да ја гарантираат нивната безбедност. Палестинците имаат приоритет да им се стави крај на хуманитарната катастрофа во Газа и провокациите на доселениците.
И покрај овие предизвици, мораме да ја задржиме отворена можноста за мир. Моето неодамнешно патување во регионот го зацврсти моето уверување дека најдобра гаранција за безбедноста на Израел е формирањето палестинска држава. И, на краток рок, треба да избегнеме слабеење на палестинската управа.
Вакуумите не можат да опстојат во природата или во политиката. Ако ниту Хамас ниту Израел не управуваат со Газа, а ниту треба, вакуумот на моќ брзо ќе биде пополнет со неконтролирани сили, кои би можеле да ја претворат Газа во пропадната територија и да започнат нов циклус на насилство и тероризам. Уште од Хобс знаеме дека општество без Левијатан, држава, е осудено на насилство и хаос.
Премногу пати досега сме биле сведоци на слични ситуации. Видовме текови на бегалци што бегаат од сирискиот конфликт во Либан, Јордан и Турција. Овие земји не можат да поднесат уште еден голем прилив на палестински бегалци. Според зборовите на еден од моите соговорници минатата недела, нема да преживееме уште една Накба. А Европа и меѓународната заедница нема и не можат да прифатат уште едно принудно масовно раселување на Палестинците.
За да се спречи Газа да падне во рацете на неконтролирани вооружени групи што можат да го дестабилизираат целото соседство, почнувајќи од Израел, територијата мора да биде управувана од држава што го претставува нејзиниот народ. Сопствената безбедност на Израел бара создавање палестинска држава во Газа и окупираниот Западен Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим.
Како и кога ќе го постигнеме тоа ќе зависи од сите нас. Едно е јасно: сите мои соговорници во арапскиот свет го прифатија постоењето на Израел и сакаат да се ангажираат со него. Тие ја препознаваат огромната можност што се наоѓа во мирното соседство, прекуграничната соработка и потенцијалната улога на Израел како регионален економски двигател. Но, сите се согласуваат дека арапско-израелската соработка зависи од решавањето на палестинското прашање. Нема начин да се заобиколи.
За да одиме напред, мора да се стремиме кон решение засновано на правда и еднакви права за двата народа. Тоа значи, пред сè, потреба од безбедност во целиот регион и во Европа, која се соочува со непосредните последици од нестабилноста. Како соседи, ние мора да ги здружиме силите со партнерите регионално и низ светот за да постигнеме одржливо трајно политичко решение за доброто на Израелците, Палестинците и регионот. Тоа е и во наш најдобар интерес. ЕУ, заедно со некои арапски земји, иницираше напори кон оваа цел со напорот за Денот на мирот, започнат во ОН во септември, непосредно пред почетокот на бурата. Ние сме одлучни да продолжи да работи кон оваа цел.
Жозеп Борел
Авторот е висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика