Ако Кина успее да го вовлече Израел уште подлабоко во својата орбита, САД ќе ја изгубат клучната алка во својата стратегија за спречување на кинескиот подем во овој век
За време на минатомесечната посета на кинескиот потпретседател Ванг Кишан на Израел, премиерот Бенџамин Нетанјаху ги поздрави „зајакнатите врски“ помеѓу двете земји. Откако пред 26 години воспоставија официјални односи, Израел и Кина ги зајакнаа билатералните врски во голем број области. Израелското затоплување на односите со Кина, која е најголемиот американски конкурент, испраќа јасна порака до Вашингтон дека повеќе не може да смета на безусловна поддршка од Израел.
САД треба да ги загрижува фактот што и самиот Израел како нивниот најблизок блискоисточен сојузник, настојува да создаде поблиски односи со Кина. Од основањето на Израел во 1948 година, Ерусалим во голема мера зависеше од Вашингтон кога стануваше збор за воени набавки, економска соработка и дипломатски притисок. За возврат, Америка од Израел направи свој сервилен поддржувач на својата повоена стратегија на Блискиот Исток, најпрвин како бастион против советското влијание, а во поново време и против религиозниот екстремизам.
Економскиот и воен подем на Кина во следниве неколку декади има јасна тенденција да го оддалечи Израел од Вашингтон и да го турне кон Пекинг. Посетата на потпретседателот Ванг ја истакна блискоста на меѓусебната економска соработка. Билатералната трговска размена се вивна од 50 милиони долари во 1992 до 10 милијарди во 2013 година, додека кинеските инвестиции во Израел во 2016 година изнесуваа дури 16 милијарди долари.
Израелскиот динамичен културен подем е особено атрактивен за Пекинг, кој со својата иницијатива наречена „Произведено во Кина 2025“ цели кон глобална доминација на својата висока технологија и напредните производни сектори. Покрај тоа, Пекинг гледа свој интерес и во геополитичката положба на Израел.
Наскоро Кина би можела да му додели поголема улога на Ерусалим во својата инфраструктурна иницијатива „Појас и пат“, грандиозниот план за мултибилионска сообраќајна стратегија на оваа земја. Израел има голем потенцијал како енергетски снабдувач и мост до пазарите во Африка, Европа и остатокот од Блискиот Исток.
Засега, САД и понатаму остануваат најголемиот и најважен израелски трговски партнер, но во годините што доаѓаат сигурно е дека Кина ќе направи голем исчекор во тој поглед. Ако Ерусалим продолжи да се приближува кон кинеската сфера на влијание, Вашингтон ќе изгуби еден од своите најверни сојузници, во време кога му треба секаква можна помош во обидите да ја запре Кина.
И покрај тоа што затоплените израелско-кинески односи сѐ уште не се целосно етаблирани, постојат докази дека тоа ќе се случи наскоро. Американската влада изрази загриженост дека кинеските инвестиции во Израел, кои засега не се однесуваат на воени сектори, ќе ѝ овозможат на Кина брзо формирање технолошки капацитети, кои се потребни да се предизвика американската воена хегемонија. Кинеска компанија обезбеди ексклузивно право да оперира со едно од најфреквентните пристаништа во Хаифа (веднаш до него се наоѓа најголемата израелска поморска база).
Кина, која веќе изгради пристаниште на југ, во Ашдод, се надева дека ќе го зголеми своето влијание на Медитеранот, каде што САД долго време имаат сигурна позиција за својата Шеста флота. Понатамошниот кинески развој по должината на израелското крајбрежје неизбежно ќе ја поткопа американската воена сила во регионот. Иако блиските односи на Кина со Иран ја исклучуваат можноста за безбедносна соработка со Израел, неизвесно е колку долго ќе потрае ваквата динамика.
Кина е многу ангажирана со приближување кон неврзаните земји, заради својата амбиција да биде активно вклучена во рамките на глобалните настани. Ако таа успее да го вовлече Израел уште подлабоко во својата орбита, САД ќе ја изгубат клучната алка во својата стратегија за спречување на кинескиот подем во овој век.
Во анализата се користени ставовите на Даниел Самет, експерт за
меѓународни односи од Вашингтон