Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба нема да учествува на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, a Украина на форумот ќе биде претставена од делегација од нивното МНР, потврдија за МИА од украинската Амбасада во Скопје.
На прашање на МИА до Амбасадата не упатија на објавата на портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина, Олег Николенко, кој посочува дека Киев високо ги цени напорите на Македонија како држава-претседавач на ОБСЕ во 2023 година и лично на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои покажаа висок професионализам и непоколеблива посветеност на заштитата на принципите и обврските на ОБСЕ и што дадоа приоритетот на прашањето за спротивставување на руската агресија врз Украина за време на неговото претседателствување.
– Руската Федерација постојано го уништува ОБСЕ, злоупотребувајќи го правилото за консензус. Одејќи кон уцени и отворени закани, Русија систематски го блокираше консензусот за клучните прашања. Блокирањето на кандидатурата на Естонија за претседавање со ОБСЕ во 2024 година, исто така, стана опционално. Покрај тоа, Русија незаконски приведе тројца Украинци – претставници на ОБСЕ, кои се во затвор повеќе од 500 дена. Русија создаде егзистенцијална криза во ОБСЕ и ја претвори организацијата во заложник на нејзините каприци и агресија – наведува Николенко, во објава на Фејсбук.
Според него, во такви услови, присуството на руската делегација на Министерскиот состанок на министерско ниво за првпат од почетокот на целосната инвазија на Русија во Украина само ќе ја влоши кризата во која Русија ја воведе ОБСЕ.
– Заедно мораме да работиме на спасување на ОБСЕ од Русија, но не со испраќање сигнали за можноста за враќање на формите на соработка кои постоеја до февруари 2022 година, на државата која ја спроведе најголемата вооружена агресија во Европа од крајот на Втората светска војна и грубо ги прекрши сите принципи на завршниот акт на Хелсинки. Со оглед на тоа, делегацијата на Украина нема да учествува на Министерскиот состанок на ОБСЕ на ниво на министер за надворешни работи. Во исто време, Украина останува посветена на принципите на ОБСЕ, подготвена да продолжи да работи со партнерите со цел да се врати почитувањето на завршниот акт од Хелсинки, особено на спроведувањето на Формулата за мир на претседателот на Украина, Володимир Зеленски – наведува портпаролот на украинското МНР.
Естонија, Летонија и Литванија соопштија дека ќе го бојкотираат министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје, доколку присуствува и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
– Присуството на Лавров носи ризик да се даде легитимитет на агресорот Русија како законски член на нашата заедница на слободни нации, да ги банализира ѕверските злосторства што Русија ги направи, како и очигледнору руско кршење и презир на основните принципи и обврски на ОБСЕ – се наведува во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на трите балтички земји.
Шефот на естонската дипломатија Маргус Цахкна вели дека „Русија ќе ја искористи оваа можност да ја шири својата пропаганда и да го поткопа единството на Западот“.
– Факт е дека додека се одржува состанокот на ОБСЕ во Скопје, руската воена машина ги напаѓа недплжните Украинци и депортира деца без око да им трепне. Естонија не може да седне на иста маса со агресорот и да сноси одговорност за последиците што може да ги донесе присуството на Лавров. Тоа е спротивно на нашите основни принципи. Руската агресија против нејзиниот независен и мирен сосед Украина го прекршува меѓународното право и тоа е напад врз ОБСЕ и нејзините фундаментални вредности. Местото на Лавров е на специјален трибунал, а не на масата на ОБСЕ – наведува Цакхна, чија земја според ротирачкиот принцип требаше да го преземе претседавањето со ОБСЕ во 2024 година, но поради противењето на Русија и на Белорусија, наместо Естонија на членото место во организацијата ќе дојде Малта како компромисно решение.
Клучно е, според него, веднаш да се стави крај на агресијата врз Украина, да се повлечат руските трупи од окупираните области, да се плати компензација за уништувањето и да се повикаат на одговорност криминалците.
– Но, нема знаци дека Русија размислува да го следи меѓународното право или принципите на ОБСЕ. ОБСЕ е создаден за да ја обнови европската безбедност, да спречи конфликти и да го одржи мирот. Со своите незаконски и брутални дејствија, Русија постојано докажа дека не е безбедносен партнер за Европа. Во реалноста, на Европа во моментов и е потребна одбрана од и против Русија – истакнува Цахна во изјавата поддржана од неговите колеги од Летонија, Кришјанис Каринш и од Литванија, Габриелиус Ландсбергис.