Во вечерашното гостување на телевизија Сител, заменичката на претседаталот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, најави дека покренала иницијатива во Владата да се пристапи кон законски измени кои ќе оневозможат лицата кои се на листата на санкции на САД, на ЕУ и на Обединетите Нации да бидат на каква било позиција или да се вработат во администрацијата.
Дополнително, додаде таа, неопходни се измени кои ќе предвидат дека доколку на некој функционер, којшто во моментот е на позиција, му биде изречена таква санкција, мандатот веднаш да му прекине, затоа што однесувањето како ништо да не се случило, после изрекувањето на таквите санкции ја урива довербата во институциите и не придонесува кон градење на систем во којшто граѓаните можат да имаат доверба.
Во таа насока, паралелно со зајакнување на критериумите за носителите на функциите, Кабинетот за политики за добро владеење подготви Предлог за измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки, со кој, покрај правно обврзувачките резолуции на Советот за безбедност на ОН и правните акти на ЕУ, ќе се додадат и мерките на САД, како основ за законски рестриктивни мерки.
-Корупцијата ќе ја намалиме драстично во оној момент кога ќе се види дека системот функционира непристрасно, дали за функционер, дали за обичен граѓанин и кога ќе се види дека има казнивост и санкции за сите оние кои прекршиле, па дури и етички и морални норми – истакна вицепремиерката Грковска.