Во организација на повеќе ентузијасти и планинарски здруженија се формира македонска „бесконечна“ трансверзала (со скратено, уметничко име „Sammiana“ ) – планинарска патека долга дури 2.070 км и која ги опфаќа најголем дел од планините и природните убавини во Македонија.
Се работи за огромен и импозантен проект, не само поради импресивната должина , туку и поради тоа што поголемиот дел од трансверзалата, односно околу 1.500 километри се нови патеки. Дополнително, со трасата се промовираат и предели кои се помалку познати за планинарската заедница и на некој начин се неправедно запоставени и покрај својата убавина.
Со овој проект Македонија ќе ја добие најдолгата планинарска трансверзала на Балканот и ќе се најде на мапата на долги европски и светски трансверзали, а со тоа ќе стане и примамлива дестинација за сите планинари од целиот свет кои се љубители на трансверзалното планинарење.
Покрај трасирањето на самата трансверзала, во исто време за првпат ќе добиеме долгометражна патека за која ќе постојат прецизни и детални мапи и ГПС записи, добро документирани и со сите потребни информации за домашните и странски уживатели на трансверзалата.
Македонска бесконечна трансферзала (кодно/уметничко име Sammiana) е мегакружна трансверзала – непрекината планинарска патека која поминува низ поголемиот дел на територијата на Македонија, поминувајќи директно или во непосредна близина на огромен број природни убавини, историски локалитети и други знаменитости.
Која е целта на „македонската бесконечна трансверзала“?
И додека во светот постојат многу т.н. долгометражни ( Long distance – Thru Hiking) патеки, во Македонија и покрај одличните услови за жал нема патека која може да се вброи во оваа категорија. Позната е само западната македонска трансверзала со должина од околу 170 километри и неколку помали кои се помалку познати. За жал, дури и за овие помали трансверзали не постои прецизна мапа/ГПС запис со точни информации за извори на вода , погодни места за кампување, информации за околината и слично, така да се непримамливи за планинари кои веќе добро не ги познаваат овие патеки и околината.
Затоа целта на овој мегапроект е Македонија да добие долгометражна патека која ќе биде убава за движење, јасна и маркирана на терен, а дополнително прецизно и комплетно дигитално мапирана на ниво на сите поголеми светски трансверзали. Со тоа, во иднина оваа трансверзала ќе биде магнет за илјадници домашни и странски планинари и ќе биде гордост за македонското планинарство и бенефит за македонскиот туризам и економија.
Со својата должина од над 2.000 километри како и со својата убавина и разновидност на трасата , Македонската бесконечна трансверзала ќе може да парира на сите трансверзали од овој тип во Европа и во светот.
Од каде „бесконечна“?
„Бесконечна“ има вистинско значење. Трансверзалата има една централна точка од каде што може да одберете да тргнете во четири насоки , а потоа по отприлика 40-50 дена повторно да се најдете на истата централна точка и да продолжите во друга насока или да продолжите по веќе поминат дел но во спротивна насока. По два месеца веќе е сменето годишното време и може повторно да продолжите по веќе поминат дел од патеката за да добиете сосема ново искуство и доживување бидејќи истиот тој дел веќе има сосема друг лик. Имајќи во обзир дека може да одберете и веќе поминат дел но во спротивна насока, испаѓа дека може да пешачите со месеци, т.е. бесконечно и цело време да не се осетите дека одите по истата патека.Кога ќе го додадеме и фактот дека патеката на мапа личи на математичкиот симбол за бесконечност ( infinity, endless ) , тогаш јасно е дека патеката со право можеме да ја викаме „бесконечна“.
Трансверзалата се трасира така да пружи вистинско задоволство за љубителите на ваков тип спорт и рекреација. За што поголемо уживање на љубителите на планинарењето, трасата се стреми кон дивината, т.е. подалеку од цивилизација. Поминува преку или во подножјето на сите попознати и голем број помалку познати планински врвови, со што се има можност за кратко време преку дополнителните странични патеки да се искачат било кој од нив што дава дополнителен предизвик на самата патека.
Целата трансверзала е поделена на секции така што секоја секција сама по себе е една трансверзала, а неколку секции прават едно крило. Со ваквата поделба со комплетирањето на целата трансверзала воедно ќе се добијат 15 други трансверзали, различни по должина, денивелација, природна околина и друго, што значи за различни типови планинари, различен терен, за различно време во годината итн.
Со самото креирање на толку многу трансверзали македонската понуда на планинарски патеки драстично се зголемува и се добиваат многу варијанти на патеки со должини од 10-20 километри, па се до 2.070 километри.
Така љубителите на помали трансверзали ќе добијат многу избор , а секој странски турист кој ќе помине една од помалите трансверзали многу лесно потоа ќе дојде повторно да помине некоја друга ( друг дел од МБТ ) бидејќи веќе е запознаен со начинот на функционирање и следење, со државата и слично.
Уште една предност на трасата е тоа што таа е многу разновидна во секој поглед, почнувајќи од надморски висини, тип на терен, тип на опкружување, тип на попатни дополнителни интересни точки итн. Според нашите сознанија на останатите трансверзали во Европа и САД, ниедна друга нема толкав диверзитет како македонската бесконечна трансверзала.
Повеќе информации за новата македонска мега трансверзала може да се најдат на следниот линк.
Со комплетирање на трансверзалата македонската планинарска заедница ќе добие 2.070 километри маркирани и комплетно дигитално трасирани и мапирани патеки. Од целата траса, повеќе од 1.500 километри се нови патеки кои досега не се користат од планинарската заедница.
Целата трансверзала ќе биде вклопена во светски дигитални мапи од различни типови – ќе се најде на мапите на „open street map“ и на многу други платформи наменети за планинарски патеки кои ги користат многубројни апликации и сервиси, а кои пак ги користат и македонските планинари. Македонија ќе добие прекрасна долгометражна патека која во иднина ќе биде магнет за илјадници странски планинари и ќе биде бенефит за македонскиот туризам и економија.