Младоста и дарбата, испреплетени со традицијата и искуството, и овој пат се покажаа како вистинска формула за успех, бидејќи она што го слушнавме беше многу впечатливо и длабоко и кај публиката предизвика многу емоции
Седумнаесетгодишниот Вејчеслав Поповски завчеравечер, со солистичкиот концерт во Македонската опера и балет, насловен „Љубовна елегија“, оствари уште еден свој сон. Тој во придружба на оркестарот со кој диригираше Бисера Чадловска изведе десетина прекрасни македонски народни песни, за кои направи сосема нови, современи аранжмани. Младоста и дарбата, испреплетени со традицијата и искуството, и овој пат се покажаа како вистинска формула за успех, бидејќи она што го слушнавме беше многу впечатливо и длабоко и кај публиката предизвика многу емоции. Истовремено, новиот звук на македонските етно-бисери им даде една нова димензија, уште еднаш потврдувајќи дека нашата народна музика е во рамниште на светската класика.
Воодушевува храброста на ова талентирано момче, кое не се плаши од предизвици, туку, напротив, прави сѐ да ги реализира своите соништа, колку и да изгледа невозможно тоа на прв поглед. Со оглед на младоста на Вејчеслав, на концертот се провлече и понекоја мала грешка, на почетокот кај него имаше и мала доза трема, резултат на одговорноста што ја чувствува пред музичарите, гостите и пред публиката. Но со секоја нова песна неговиот глас сѐ посигурно се разлеваше во салата, а аплаузите и поддршката од публиката му даваа поттик да го извлече најдоброто од себе. На почетокот присутните ги поздрави госпоѓа Маја Иванова, сопругата на претседателот Ѓорге Иванов, која исто така со години го поддржува талентираниот Вејчеслав.
– Младата и полетна ѕвезда на нашата музичка сцена, Вејчеслав Поповски, првпат ја запознавме пред неколку години во Кабинетот на претседателот, кога слушнавме неколку изведби. Нѐ пленија неговиот милозвучен глас и релаксираното пеење. Ова дете толку добро ја познаваше музиката, во која тукушто зачекори, и зрело изведе пред нас неколку песни. Го поканивме да настапи на прием во повод Нова година пред дипломатскиот кор и не згрешивме, бидејќи беше награден со силен аплауз. Со задоволство ја прифатив поканата да ве поздравам и да најавам дека ќе слушнеме стари убави македонски песни, а Вејчеслав ќе се потруди да ги долови како што ги доживува, правејќи посебен аранжман за секоја песна, придружуван од оркестарот на МОБ. Посакувам незаборавна вечер со изведбите на Вејчеслав, кој плени со својот ентузијазам, енергија и љубов кон музиката – рече Маја Иванова.
Беше упатена и благодарност до Аки Нуредин, кој живее во Виена и кој Вејчеслав го запозна со врвни оперски пејачи, меѓу кои и со Пласидо Доминго. Концертот го отвори виртуозот на хармоника Милан Зафков со едно свое оро, за кое исто така Вејчеслав Поповски го направи аранжманот, а потоа младиот уметник ги отпеа. „Билјана платно белеше“, „Кажи, Рајне“, „Каде ќе идеш, Еленко дадо“, „Ленка Пингова“, во чија изведба внесе многу емоции. Во вториот блок ги слушнавме „Бор садила мома Евгенија“, во која до израз дојде полнотата на неговиот убав глас, а беше и награден од публиката, која во текот на целиот концерт со своите дланки, аплаудирајќи во тактот на музиката, го бодреше Вејчеслав.
Во третиот блок прозвучеа „Учи ме, мајко, карај ме“, во која со сета силина прозвучи македонскиот бит, а членовите на оркестарот придонесоа песната да добие и една нова, современа димензија, па „Никнало цвеќе шарено“ и „Кажи, кажи, либе Стано“, една од најубавите наши балади, што Вејчеслав ја изведе заедно со Сузана Спасовска, која својот бисерен глас го распосла пред публиката. На крајот беа отпеани и „Саноќ седам, Трено“, „Ајде слушај, слушај, калеш бре Анѓо“ и „Јовано, Јованке“, кога концертот кулминира, благодарение на изведбата на Вејчеслав, но и на целиот оркестар.
Гостинката Сузана Спасовска ја отпеа и песната „Ја излези, стара мајко“, Милна Завков го изведе на хармоника „Моминско оро“, а концертот заврши со убавите звуци на антологиската „Елено, ќерко“. Вејчеслав во текот на целиот концерт на суптилен начин комуницираше со публиката, поттикнувајќи ја да ѝ даде свој печат на оваа убава вечер, во која се остваруваат соништата. Тој ги поздрави сите присутни и упати голема благодарност до целиот оркестар. На бис сите заедно уште еднаш ја исполнија „Јовано, Јованке“, песната што ги надминува нашите граници и е македонски белег во светот, кој допрва ќе слушне за талентот на младиот и амбициозен Вејчеслав Поповски. Организатор на концертот беше продукцијата „Прагма“.