Шефот на иранската дипломатија, Хосеин Амир-Абдолахиан, на својот катарски колега шеикот Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, му кажал дека ширењето на војната меѓу Израел и Хамас е „неизбежно“, пренесуваат иранските медиуми.
– Поради зголемувањето на интензитетот на војната против цивилното население во Газа, проширувањето на опсегот на војната стана неизбежно, изјави Амир-Абдолахиан во вчерашниот телефонски разговор со својот катарски колега – пренесе иранската Прес ТВ.
Британските медиуми наведуваат дека од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, Иран и терористичките групи што ги поддржува во Либан, Јемен, Сирија и Ирак се закануваат со регионален конфликт.
САД во регионот на Блискиот Исток испратија две групи носачи на авиони и подморница на нуклеарен погон во обид да го одвратат Техеран од заканата со регионален конфликт.
Катар, држава што има блиски врски со Хамас, се обидува да посредува за прекин на огнот и ослободување на заложниците кои ги држи оваа палестинската милитантна група во Појасот Газа, наведуваат британските медиуми.