Гешталт тренинг институтот – Советувалиштето за хумана соработка, денеска во Скопје на конференцијата „Живата соба“ прослави 25 години од своето постоење. Според организаторките, идејата за оваа конференција настанува благодарение на живите соби во кои многумина ги поделиле своите животни приказни и трансформации. Во воведното обраќање Биљана Копрова специјалист по медицинска психологија, прв гешталт тренер во државата и основачка на Советувалиштето за хумана соработка и Македонската асоцијација за гешталт терапија – Контакт даде осврт на историјата на психотерапијата во Македонија.
-Во времето на Југославија не постоеше приватна пракса и ни недостигаше вистинска едукација, а подоцна кога почнавме да работиме приватно наидовме на голем отпор од населението. Денес после 25 години работа можам да кажам дека оваа професија нема работно време. Ние ја живееме нашата професија со нашите клиенти, а живиот контакт е нешто незаменливо. Кога седиме очи во очи со нашиот клиент ниедна теорија не е важна, колку што е важен човечкиот контакт и процесот кој се случува во сигурна и безбедна средина.
Извршната директорка на Советувалиште за хумана соработка д-р Благица Ваниќ гешталт тренер, терапевтка и супервизорка и Претседателка на Македонската асоцијација за Гешталт терапија-Контакт зборуваше за факторите кои помогнале овој институт да постои и денеска.
-Советувалиштето денеска си изгради своја успешна приказна и имаме можеби најголем број на едуканти досега. Никогаш не сме имале системска поддршка, но ја подигаме свеста, зборуваме за професијата а во сето тоа опстојавме со грижа и поддршка- истакна Ваниќ.
Конференцијата ќе трае два дена, а ќе излагање имаат повеќе гешталт-терапевтки кои едукацијата ја завршиле токму во овој институт.