САД ќе испратат дополнително оружје и опрема во вредност од 425 милиони долари во Украина за борба против Русија, објави администрацијата на претседателот Џозеф Бајден.
Пакетот ги користи последните средства од Иницијативата за безбедносна помош во Украина (УСАИ), фонд вреден повеќе од 18 милијарди долари, кој и овозможи на администрацијата на Бајден да купува оружје од наменски индустрии, наместо да го повлече оружјето од американските резерви.
Средствата на УСАИ ќе бидат инвестирани во муниција вредна 300 милиони долари за соборување руски беспилотни летала, кои ќе вклучуваат дел од модуларниот ракетен комплет ISR (Vampire) на L3Harris Technologies, изјави американски официјален претставник, а пренесе „Ројтерс“.
Администрацијата, исто така, вети испорака на оружје од 125 милиони долари, обезбедено преку користење на претседателските овластувања, што му овозможува на Бајден да пренесува вишок стоки и услуги од американските залихи без одобрение од Конгресот за време на вонредна состојба, пренесе „Фена“.
Пентагон соопшти дека оружјето што ќе му биде доставено на Киев вклучува дополнителна муниција за напредни ракетни системи земја-воздух (NASAMS), муниција за артилериски ракетни системи со висока подвижност (HIMARS), артилерија од 105 и 155 милиметри, противтенковско оружје TOW , противпешадиски мини „Клејмор“, мало оружје и десетина камиони.
Бајден ги повика американските пратеници да одобрат и дополнителна помош за Киев.
Претставничкиот дом предводен од републиканците оваа недела одобри помош само за Израел за борба против Хамас, додека дополнителната помош за Украина продолжува да има двопартиска поддршка во Сенатот под контрола на демократите.
Од почетокот на руската воена интервенција во февруари 2022 година, САД во Украина испрати воена помош во вредност од речиси 44 милијарди долари.