Минитерството за надворешни работи потврди дека на листата за евакуација на странски државјани од Појасот Газа преку граничниот премин Рафа се наоѓаат пет државјани на Македонија.
– Во Газа имаме вкупно пет наши државјани. Сите тие се на листата за напуштање на Газа. Исто така, покрај овие пет, на листата е една палестинска државјанка, сопруга и мајка на две деца, кои имаат македонско државјанство – наведуваат од МНР.
Пограничните власти на Газа, утрово, објавија листа со 596 странски државјани и лица со двојно државјанство од 15 земји на кои им е дозволено денеска да ја напуштат Газа, меѓу нив се и неколкумина македонски државјани.
На повеќе од 500 лица им беше дозволено да заминат вчера, кога прв пат после неколку недели беше отворен граничниот премин Рафа меѓу Појасот Газа и Египет.