Кога станува збор за необичен исип, чувство на пецкање во коленото по тренинг или главоболка што никако не престанува, поради љубопитност или загриженост многумина ќе посегнат по својот паметен телефон, надевајќи се дека пребарувањето на интернет ќе им помогне да сфатат што се случува со нив. Иако сте свесни дека пребарувањето ќе ви донесе само поголема вознемиреност и повеќе прашања наместо одговори, тешко е да се запре.
Во студија од 2019 година, објавена во списанието „Паблик хелт репортс“, научниците открија дека околу 74 проценти од Американците барале здравствени информации на интернет пред да посетат лекар. Не е изненадувачки што тие бројки само се зголемија од пандемијата на ковид-19.
Според една неодамнешна студија, околу 18 отсто од Американците (околу 60 милиони луѓе) се потпираат на платформите на социјалните медиуми за здравствени информации и насоки за хронични состојби.
– Живееме во ера на моментален пристап и навикнати сме да имаме свет на информации на дофат на раката, но барањето симптоми на интернет, особено ако не одите на лекар, може да биде лизгав терен што води до дезинформации и неосновани стравови – вели д-р Меги Вилијамс, лекарка од Скотсдејл, Аризона.
Неконзистентни податоци
Најголемиот недостиг од самодијагностиката преку интернет-пребарувања се различниот квалитет и веродостојноста на информациите. Секој може да објавува содржина на интернет, што ги зголемува шансите да сте, намерно или не, жртва на измама. Покрај реномирани медицински интернет-страници и научни написи, пребарувачот може да ве упати на застарена страница, нечиј блог или објава на поединец на социјалните мрежи.
Дури и најдоверливите апликации и веб-страници за проверка на симптоми немаат контекст за поставување дијагноза. Тоа се специфични податоци за пациентот, како што се семејна историја, генетика, начин на живот и слично. Многу проблеми со физичкото и менталното здравје имаат симптоми што се преклопуваат, поради што може да се чувствувате преоптоварено и збунето.
Одредени клучни зборови, како што се главоболка и болка во градите, може да дадат застрашувачки резултати исто толку често како и помалку сериозните, иако шансите за тумор на мозокот или смртоносен срцев удар се многу помали од оние за откажување од кофеин или ждригавица. Не е тешко веднаш да се замисли најлошото сценарио.
Опседнатоста со вистински и измислени болести исто така може да земе емоционален данок. Во продолжението на студијата за корисничко искуство, речиси 40 отсто од луѓето што барале симптоми на интернет рекле дека се чувствуваат повознемирено за замислената медицинска состојба отколку пред да пребаруваат.
– Од друга страна, може да почувствувате лажна сигурност дека сѐ е во ред, иако можеби страдате од загрижувачка состојба или опасна по живот. Така, може да го одложите третманот или дури и да го доведете вашиот живот во ризик – вели Вилијамс.
Анксиозно нарушување поради болест
Сајберхондријата е подгрупа на анксиозно нарушување поради болест, како што е хипохондријата, и се карактеризира со прекумерна употреба на интернет за истражување симптоми или медицински состојби и зголемени нарушувачки нивоа на анксиозност, пишува „Гуд хаускипинг“.
– Тоа го гледам секој ден во ординацијата. Она што започнува како случајно пребарување или специфично здравствено прашање се развива во постојана потрага по нови симптоми или потврда на симптомите што тие моментално ги имаат. Заедно со постојаниот нагон да барате симптоми, други знаци дека доживувате сајберхондрија се чувство на сомневање дека дијагнозата што ја добивте од здравствен работник е неточна, така што страдате од зголемено ниво на стрес и загриженост – вели Вилијамс.
Сајберхондријата може да ги попречи секојдневното функционирање и менталната благосостојба.
– Некои луѓе може толку да се плашат за својата благосостојба што почнуваат да закажуваат непотребни прегледи на лекар – истакна Вилијамс.
Како да се спречи сајберхондријата
Не мора да престанете да го користите интернетот за информации поврзани со здравјето или здравствени проблеми.
– Има многу веб-страници на кои можете да добиете сигурни и точни здравствени информации – вели Вилијамс.
Сепак, таа нагласува дека пребарувањето на интернет за медицински информации треба да ја дополни, а не да ја замени консултацијата со лекар. Давателите на здравствена заштита се обучени да земат предвид многу аспекти надвор од списокот на симптоми за да дојдат до правилна дијагноза.
– Врз основа на вашата специфична ситуација, тие можат да препорачаат соодветни тестови или третмани што ќе ве водат кон заздравување. За жал, не е секогаш лесно за луѓето да одвојат време да одат на лекар – вели Вилијамс.
Виртуелните даватели на здравствени услуги обезбедуваат удобен пристап до овластени лекари што можат да ги проценат вашите симптоми и да ја обезбедат потребната нега, често во рок од 15 минути. Разговорот со доверлив експерт е сосема поинакво искуство од собирањето непроверени информации на интернет.