Единствената награда што беше доделена годинава на „Макфест“ ја добија Лара и Пајак, за песната „Бела“, која беше прогласена за најслушана песна меѓу два фестивала. Таа постигна огромен успех и има над 25 милиони прегледи на Јутјуб
Повторно е октомври и повторно се пееше на сцената на Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Триесет и осмото издание на фестивалот на забавна музика „Макфест“ е зад нас. Ќе го паметиме по многу нешта, но секако најмногу по песните што ги слушнавме испеани од млади пејачи, кои ја чекаат својата шанса и од веќе докажани имиња, а некои од нив се повеќекратни победници на фестивалот.
Вовед во музичката приказна беше настапот на составот „Музика вива“ од Штип кој исполни сплет од познатите макфестовски рефрени.
И годинава, како и лани немаше награди, а организаторите тоа го оправдуваат со фактот дека токму затоа атмосферата е порелаксирана, на и зад сцената и се враќа дружбата меѓу колегите, по која учесниците го паметат фестивалот. Сепак, некои од пејачите се уште жалат по возбудата која ја носи неизвесноста околу доделувањето на наградите.
Уметничкиот директор Роберт Саздов, заедно со својот тим и десната рака Јован Јованов, како и со поддршка од локалната самоуправа, на чело со градоначалникот Иван Јорданов, се потрудија фестивалот годинава навистина да биде „музичка симфонија за цела Македонија“.
Сепак, кој работи тој греши, па се покажа дека не се баш сите учесници на првата фестивалска вечер на вистинското место, а и звукот, особено во ТВ преносот на Македонската телевизија не беше баш најдобар. Но се се смени синоќа, на ревијалната вечер, кога беа изведени дваесетина потенцијални хитови, кои публиката во салата добро ги прифати и повеќето лесно ќе го најдат патот до слушателите.
Изведбата на песните, со оглед дека слушнавме претежно врвни имиња на македонската естрада, беше на ниво, со мали исклучоци. Некои пејачи буквално ги покриваше матрицата, можеби тремата си го направи своето. Владо Јаневски, кој на фестивалот на кој испеа неколку свои големи хитови,а првпат на сцената застанал, веврувале или не, пред 38 години, не се ни појави на генералната проба, а и мистериозно исчезна по настапот. Се во стилот на светските ѕведи, зарем не. Но, песната „Златни години“ несомнено ќе биде слушана, особено од неговата верна публика.
За пофалба е фактот дека сцената овојпат изгледаше светски, а секоја песна имаше своја видео приказна. Видовме и впечалива сценографија, на пример Александар Тарабунов, како вистински ангел пееше лебдејќи и добро се снајде во тоа. Сепак, оние кои како што велат „не го следат Макфест, а сакаат секогаш да критикуваат“, на социјалните мрежи побрзаа тоа веднаш да го искоментираат. Но денес секој светски спектакл содржи вакви моменти, па во поново време го има и во оперите во светските центри.
Одлични настапи имаа и: Андријана Јаневска, Ламбе и Полина, Бојана Скендеровски, Зоран Илиев и Боно, Огнен Здравковски….и секако групата „Љубојна“, која разбриливо пееше за љубовта.
Изненадување за публиката беше и изборот на презентерите синоќа, а секако најголемо внимание привлече појавувањето на Вера Јанковиќ во оваа улога. Таа долги години беше водителка на „Макфест“ и на некој начин заштино лице на фестивалот. Како презентери ги видовме и Светлана Црнокрак и Миро Кацаров, кој со многу емоции им се обрати на своите штипјани. За почит е и фактот што организаторите го поканиле и идејниот твроец на фестивалот, Стојан Троицки да биде во публиката на втората вечер на „Макфест 2023“.
Искрено не слушнавме овојпат долги аплаузи како некогаш, ги немаше ни дечињата кои трчаат по пејачите, изостанаа и придружните манифестации, промоции…. Сведоци сме дека се создава нова макфестовска приказна, но колку и да се добри и искрени намерите, треба да се остави нешто што е дел од првичната идеја поради која овој фестивал опстојал речиси четири децении. Новите генерации треба да се освојуваат и добро е што е така, но оргиналните нишки тоа треба внимателно да го поврзат во убав, допадлив пакет за сите генерации.
Сепак, како што рекоа некои од учесниците, за нив најголемо задоволство е што имале можност во живо да се претстават пред публиката пеејќи на македонски јазик и да ги пренесат своите емоции.
Единствената награда што беше доделена, ја добија Лара и Пајак, за песната „Бела“, која беше прогласена за најслушана песна меѓу два фестивала. Таа постигна огромна слушаност и има над 25 милиони прегледи на Јутјуб. Градоначалникот на Штип Иван Јорданов им подари чек во вредност од 120.000 денари.
На висина на задачата и овојпат беа водителите Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски, како и тимот на МРТ задолжен за директниот пренос. За пофалба е коректниот однос со седмата сила и агилноста на претставникот за односи со јавноста Антонио Димитриевски.
Во наредните месеци веруваме дека слушателите со своите кликови ќе ја изберат песната која ќе биде најслушана од годинашниот „Макфест“, а како што велат пејачите најголема награда за нив е песната да им се слуша.
Рекоа за „Макфест 2023“:
Марија Спасовска: Лани настапив првпат на „Макфест“ како дебитант, а еве сега сум во ревијалниот дел пеејќи своја песна. Среќна сум што сцената ја делам со многу колеги, а атмосферата во Штип е навистна убава. Како автор се појавувам две години по ред.Убава е неизвесноста кога има награди, но секој што настапува тука секако споделува квалитет. Најголема награда за изведувачот е песната да му се слуша.
Џас Даниелс: Јас сум танчер и на „Макфест“ настапувам првпат. Ми се допаѓа што има многу песни со танчерски точки, што секако го збогатува впечатокот, особено за гледачите.
Зоран Илиев: Ова ми е четврти настап на Макфест, првпат тука запеав во 2015 година и бев четврти, во 2011-та победив со „Ангели ид емони“, а повторно бев прв со Анабела во 2017-тата. Годинава Лажи ме , љуби ме, песната е на Илија Ќосев, а засилување е раперот Боно. Живееам на 100 метри од тука и како мал трчав по пејачи за автограми. Чувството што го имав таа 2011 година, кога првпат победив никогаш не се заборава. За авторите е подобро да нема награди, но верувам дека од идната година ќе се врати магијата и еуфоријата околу добивањето и доделувањето на признанијата.
Бојана Скендеровски: Јас пораснав на Макфест, сум учествувала досега 5-6 пати на фестивалот, а двапати сум победила. Сите што се тука годинава ми се пријатели, добри колеги, и убаво е да се пее во живо. Важно е од сите овие песни, кои ги пејат етаблирани имиња да се одделат хитови кои ќе се запаметат. Овојпат пејам песна на Срѓан Јовановиќ од Сарбија, а текстот на Робин Зимбаков. Звучи доста современо, и соодветна е на мојата енергија, го следи трендот и е вистиснка радиска песна за која се снима и спот во режија ан Огнен Шапковски.
Марјана Станојковска: Драго ми е што година сум водител на Макфест по шести пат. Хитовите од минатите години ги знам уште од моето детство, кога заедно дома со моите родители на телевизија го гледавме Макфест. Пејачите ми беа интересни и впечатливи. Бидејќи нема награди годинава се чувствува порелаксирана енергија и на сцената и во Бекстејџот, а тоа влијае на севкупниот впечаток.
Оливер Јосифовски: Дојдовме на „Макфест“ бидејќи „Љубојна“ ги криши стереотипите во музиката, која ние не ја делиме на народна и забавна. Нашата е широко отвроена приказна и инспиративна. Инаку, тука се чувствуваме убаво, раздвижено е, има доста млади луѓе. Дојдовме на покана на директорот со цел да споделиме музика и со оваа публика.
Лара Ивановска: Пресреќни сме со Пајак и горди на успехот што го псотигнавме со песната „Бела“. Се се случи неочекувано, како вистинско чудо. Вистинска реткост е една песна да има волкава слушаност. Како резултат на тоа сега многу повеќе настапуваме, сите не бараат, публиката не сака и тука и вор егионот. Дефинитивно треба да се искроисти моментот. Наскоро повторно ќе направиме нова песна и се надеваме дека приближно ќе има успех како „Бела“.
Андријана Јаневска: Мојата историја со фестивалот е долга. Во 1997г., првпат настапив на „Макфест“со Јован Јованов како придружен вокал, следната пеев заедно со Пеце Огненов,во 1999 бев најдобар дебитант, а во 2000-та со „Љубов ти е адреса“ победивме со Марјан Стојановски. Следната 2001. година со Врчак го совоивме второто место. Потоа имав уште неколку успешни настапи. Додека доаѓав накај Штип вчера чудни емоции ме облеаја, се сетив на тие убави времиња. Сега не ми пречи тоа што нема награди, за мене ова е убав начин да ги промовираме новите песни.