За граѓаните и компаниите во Македонија цената на гасот е важна заради две работи: прво заради цената на парното греење што се обезбедува од ТЕ-ТО и второ заради цената на електричната енергија, иако ова второто во помала мера. Бидејќи и во двата случаи станува збор за регулиран пазар и цени што се бенефицирани од буџетот на државата, овде најголема улога ќе има одлуката на Владата дали овој дополнителен трошок ќе го субвенционира или Регулаторната комисија ќе мора да ги покачи цените
По одлуката на Бугарија да воведе такса за транзит на рускиот гас низ Бугарија кон соседите
Бугарија воведе такса од 10,23 евра за мегават-час руски гас што транзитира низ територијата на нашиот источен сосед. Таксата е воведена преку Законот за контрола на спроведувањето на рестриктивните мерки против Русија и се однесува на увоз и транзит на суровина. Воведувањето на таксата доби зелено светло и од бугарскиот парламент. Дополнителната такса може да ѝ обезбеди на Бугарија до 1,3 милијарда евра годишно, но ги оптоварува оние држави што преку цевката во Бугарија се снабдуваат со овој енергент од Русија.
Директен економски и индиректен политички ефект, двата негативни
Оваа политика ќе има индиректен ефект и во регионот и во цела Источна Европа, бидејќи пренасочувањето на трговците кон алтернативи на рускиот гас ќе го наруши пазарот, а со тоа и цените.
Посебен проблем е што новото поскапување на увозот на гас би го оптоварувало работењето на стопанството што го користи овој енергент во својот производствен процес. Најголемиот производител на топлинска енергија ТЕ-ТО исто така користи природен гас што се увезува преку гасоводите што поминуваат низ Бугарија. И ова се очекува да влијае на новата цена на парното, но и на струјата.
Србија и Унгарија веќе реагираа дека оваа такса ќе ја зголеми цената на гасот што се увезува преку гасоводот „Балкански тек“, но од нашата влада нема реакција, иако транзитот на природен гас во земјава се врши преку гасоводите што минуваат низ Бугарија, а земјава остана само со еден приклучок до тие гасоводи. Некои од македонските експерти со кои контактиравме посочија дека таксата за транзит на руски гас со сигурност ќе влијае врз цената на гасот, но не добивме дециден одговор од надлежните институции кои се конкретните очекувања и за колку би се зголемила цената.
Како што вели Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, воведувањето такса за транзит на рускиот гас низ Бугарија сигурно ќе влијае на цената на гасот во Македонија!
Зголемувањето на таксата на рускиот гас ќе ја зголеми цената на тој гас во сите земји што го увезуваат, тоа несомнено е последователно
– За граѓаните на Македонија цената на гасот е важна за цената на парното греење што се обезбедува од ТЕ-ТО и, се разбира, цената на електричната енергија, иако во помала мера. Бидејќи и во двата случаи се работи за регулиран пазар и цени што се бенефицирани од буџетот на државата, овде најголема улога ќе има одлуката на Владата дали овој дополнителен трошок ќе го субвенционира или Регулаторната комисија ќе мора да ги покачи цените.
Во другите области влијанието ќе биде помало затоа што многу мал број компании и семејства го користат гасот како енергент – објаснува Димитров.
Од друга страна, според професорот Ристо Цицонков од Машинскиот факултет, такса за транзит на гас низ некоја земја е нормално да се наплаќа. Негова претпоставка е дека Бугарија и досега минимално, но наплаќала за транзитот на гасот низ нејзината територија и дека тоа било вградено во цената на гасот што транзитира, а дека сега ја зголемува таа такса.
– Не сум докрај сигурен, но лично јас претпоставувам дека воведувањето такса за транзитот на рускиот гас од страна на Бугарија е по сугестија односно притисок од САД и ЕУ. Воведувањето т.е зголемувањето на таксата на рускиот гас ќе ја зголеми цената на тој гас во сите земји што го увезуваат, тоа несомнено е последователно – вели Цицонков.
Како што додава тој, Македонија се снабдува со природен гас само од еден гасовод, тој од Бугарија, а гасот го увезуваат овластени приватни фирми. ЕСМ е државна фирма и таа го купува гасот од овие фирми или може директно да го увезува.
– Гасот се купува на берза, но цената се менува. Во принцип, најниска е цената по завршувањето на грејната сезона, но влијание имаат и воените и политичките кризи. Договор за снабдување со гас (за цена и за кои месеци во зимата) се прави во погоден момент (напролет и на почетокот на летото). На пример, денес е многу неповолен момент за склучување договор и поради воените конфликти во Израел/Газа и во Украина итн. Колку што сум информиран, досега рускиот гас беше најевтин, и веројатно нашите фирми снабдувачи го користат овој гас иако можат да купат гас од други земји (Азербејџан и др.) – истакнува Цицонков.
Дали ќе има покачување на цената зависи од одлука на
државата колку ќе субвенционира, а наскоро ќе имаме избори…
Зголемувањето на цената на гасот ќе ги зголеми производствените трошоци и во топланите (ЕСМ) и во ТЕ-ТО, смета професорот Цицонков, а цената на греењето преку топлификацискиот систем (парно) ја одредува Регулаторната комисија за енергетика.
– Цената и досега беше субвенционирана од државата. Сега, со зголемувањето на набавната цена на гасот, цената на парното треба да се покачи, тоа е неминовно, според економската логика, иако никој не сака официјално гласно да каже. Но, дали ќе се случи тоа, зависи од одлуката на државата колку ќе субвенционира. Тоа ќе биде политичка одлука, бидејќи наскоро ќе имаме избори, а и народот осиромашува последниве години. Очекувам цената на парното да остане иста или со минимално покачување. Минатата зимска (грејна) сезона Владата даде над 200 милиони евра за увоз на електрична енергија и енергенти со кои се субвенционираше овој сектор. Тоа се пари од народот и треба да бидат за народот. Но во енергетскиот сектор се вртат големи пари и тендери, и тука има големи сомневања кај граѓаните за нерегуларно функционирање – нагласува Цицонков.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека воведената законска мерка од страна на Бугарија ќе има влијание на увозниците на природен гас во Македонија што увезуваат природен гас со руско потекло.
– Оваа нова давачка ќе влијае на увозниците на природен гас во Македонија што имаат склучено договори за увоз на природен гас со руско потекло, но нема да влијае на увозниците на природен гас што не е со руско потекло.