Претседателот на САД ја стави борбата против фентанилот високо меѓу своите приоритети
ЕУ треба да биде подготвена за ширење на синтетичката дрога фентанил, изјави еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, по предупредувањето на американскиот државен секретар Антони Блинкен дека во Европа ќе следува проблем со фентанил, кој достигна епидемиски размери во САД, со повеќе од 100.000 смртни случаи годишно.
– Ако сѐ уште го немате, ќе го имате – им порача Блинкен на европските колеги за проблемот со фентанилот.
Се смета дека е 50 пати посилен од хероинот, пишува бриселскиот портал „Политико“, кој во својата анализа укажува дека десетици илјади луѓе умираат од предозирање со оваа синтетичка дрога во САД секоја година.
Американскиот претседател Џо Бајден ја стави борбата против фентанилот високо меѓу своите приоритети. Поради проблемот се авганистанските талибанци, кои забранија одгледување афион, експертите од Агенцијата за дрога на ЕУ предупредуваат дека тоа може драматично да го намали протокот на хероин во Европа и да го стимулира растот на синтетички опиоиди. Според последниот Европски извештај за дроги, во 2021 година во ЕУ биле откриени вкупно 434 лаборатории за нелегално производство на синтетички дроги.
– ЕУ се подготвува и за можна епидемија на фентанил, зајакнување на овластувањата на Европската агенција за лекови и удвојување на ресурсите – тврди комесарката Јохансон.
Фентанил е синтетички лек против болки од 50 до 100 пати посилен од морфиумот, пренесува Гласот на Америка. Со цел САД да почне поефикасна борба против епидемијата на предозирање, претседателот Бајден вети повеќе од 450 милиони долари за превенција од зависности, лекување и рехабилитација на зависниците и за борба против нелегалната трговија со дрога. Со тоа буџетот за борба против фентанил во САД ќе се зголеми на речиси 800 милиони долари, објави Белата куќа на почетокот на септември, по повод новопрогласената недела за издигање на свеста за предозирање.
Додека смртните случаи поврзани со опиоиди продолжуваат да растат во последниве години, порастот на предозирање со фентанил се забавува, за што заслугата ја преземаат американските власти. Борбата против фентанилот и други опиоиди е значајно прашање во кампањата за претседателските избори во САД во 2024 година. Според официјалните податоци на американскиот федерален центар за контрола и превенција на болести, повеќе од 107.081 смртен случај од предозирање во САД во 2022 година биле предизвикани со злоупотреба на синтетички опиоиди како што е фентанил.
Во април администрацијата на Бајден официјално го прогласи фентанилот за закана за Соединетите Американски Држави. Таа ознака се однесува на фентанил во комбинација со ксилазин, ветеринарен седатив што не е погоден за човечка употреба. Оваа комбинација е особено смртоносна, открија експертите со прегледување на податоците за фатално предозирање. Решавањето на проблемот со фентанилот бара и решавање на проблемот со ксилазинот и други лекови со кои се комбинира фентанилот.
Претседателот Џо Бајден во април рече дека сака да воспостави глобален сојуз против фентанилот, во комбинација со зголемена репресија и зголемена помош за зависниците. Белата куќа објави дека ќе работи со меѓународните партнери за да се изгради глобална коалиција за „спречување на производство на нелегална дрога, откривање на новите закани од дрогата, нарушување на трговијата, справување со незаконското финансирање и одговор на заканите за јавната безбедност и јавното здравје“. Целта на оваа голема меѓународна алијанса е да развие решенија, да поттикне национални акции и да влијае на што е можно повеќе земји да се согласат дека борбата против илегалните синтетички дроги е глобален политички приоритет.
– Клучен чекор би бил меѓународен мониторинг на трговијата со хемикалии што се користат за производство на фентанил – предупреди поранешниот американски дипломат Ерл Ентони Вејн за Гласот на Америка.
Има голем избор на супстанции што можат да се користат за производство на фентанил, а многу од нив се во легална продажба бидејќи имаат и легална употреба, што е голем проблем. САД лобираат во Комисијата за лекови на ОН да воспостави меѓународна контрола врз 14-те клучни компоненти на фентанил и лекови што имаат слична хемиска структура и ги имитираат фармаколошките ефекти на фентанилот. Најголем извор на супстанции за фентанил се Мексико и Кина, посочува американската администрација за борба против дроги, па ова прашање дополнително ги влоши односите на САД со тие две земји.
Д.Т.З.