Фото: Влада

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска рече дека предвиденото зголемување на ДДВ кај одредени производи е дел од среднорочниот план за даночна реформа.

Како што оцени Битиќи, одредени продукти не треба да имаат повластена даночна стапка, а средствата што се собираат од зголемениот данок ќе одат за сервисирање на социјалните потреби на граѓаните.

-Тоа е дел од среднорочен план за даночна реформа. Ниту една даночна реформа не може денеска да ја дефинирате и да кажете кој е ефектот, затоа на среден план и на долг рок тоа е нужно да се направи. Одредени продукти мора да се знае дека не треба да имаат повластена даночна стапка. Тоа се средства кои на крај завршуваат кај нашите граѓани за да се сервисираат социјалните потреби на граѓаните, тоа не се средства што се прибираат за да завршат во друг систем, во „бела палата“ или на друго место, истакна Битиќи – одговорајќи на новинарско прашање колку државата ќе заработи од покачувањето на ДДВ.

Не би можел да кажам, додаде, колку средства се тоа.

-Зависи колкава ќе биде потрошувачката на тие одредени производи. Но, листата на прозводи со повластена даночна стапка е една од најголемите во регионот. Не можам јас да кажам и да ја земам улогата да дефинирам што треба да биде привилегирана стапка од 10 или пет отсто, тоа се коморите и граѓаните преку здруженија на потрошувачи кои соодветно треба да реагираат. Ако бебешката храна останала, може да се направи исправка, но евентуални технички грешки не треба да го загрозат целиот напор за даночни реформи – истакна Битиќи.