Извадени се вкупно 64 таканаречени „мрежи духови“ од Охридското Езеро, во акција спроведена неделава, на локалитети од Свети Заум до полуостровот Градиште.
Станува збор за напуштени мрежи на простор каде што се наоѓаат и природните рибни плодишта на охридската пастрмка. „Мрежите духови“ се опасни за рибите и останатиот жив свет во езерото, а врз нив се напластуваат и одредени органски или физички материјали. Извадени се мрежи во должина од нешто помалку од два километра.
Чистењето на езерото беше во рамки на пилот-проект во кој учествува „Хидробиолошки завод“ од Охрид, организацијата „Хелфи сиз“ (Healthy Seas) и нуркачите од „Амфора“.
Од Охридското Езеро беа извадени напуштени мрежи во должина од 14 километри, во слична акција спроведена во 2017 година.