Фото: З.А.

Денеска во Центарот за култура во Кичево и во присуство на голем број гости и љубители на пишаниот збор од Кичево и земјава, беше промовиран првиот книжевен труд на Миле Новески – Мајкл со работен наслов „Кичево на 5 континенти“. Најпрво присутните ги поздрави директорот на Центарот за култура Мазлам Османи, кој со одбрани зборови зборуваше за првото прозно дело на Новески, а потоа за овој книжевен труд зборуваше и промотерот и брат на Миле, Живко Новески, инаку познат книжевник.

– Во оваа книга ќе забележите дека детството и младоста е тој предизвик кој што те мачи и те враќа назад. Тој во овој дел е најсилен, кога зборува за детските години. Детството е впрочем и магијата на животот. Тој волшебен круг кој го прави Миле патувајќи низ светот му се враќа на Кичево на местото на раѓањето. Малку се автори во европската и ако сакате во светската литература кои на негова возраст почнале да пишуваат.Еден таков редок пример кој почнал да пишува во подминати години е рускиот книжевник Максим Горки. Авторот бил смел да се нафати и да создаде книга.Текстовите кои ги содржи книгата лесно ќе забележите дека авторот најголемо внимание му посветува на родниот град Кичево. Кичево е стожер околу кој се движи целата приказна и целиот негов живот – истакна промоторот Живко Новески.

На крајот Миле Новески читаше извадоци од својата книга, почнувајќи од неговите животни почетоци, преселбата во Кичево, заминувањето за Австралија, враќањето во Европа, прошетките низ светот и се она што го содржи овој интересен книжевен труд. Промоцијата беше збогатена и со изложбата на слики чиј автор беше самиот Новески, кој целиот свој животен век го документирал и презентирал низ автентични фотографии. З.А.

Фото: З.А.