Црквата „Св. Ѓорѓија“, с. Нагоричане / Фото: Игор Бансколиев

Во овој фељтон разгледувам еден сегмент од пропагандните војни во Македонија од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Во споменатиот период, Македонија е арена на пропагандни активности и конфронтации меѓу грчката, српската, бугарската и романската пропаганда. Во натпреварот за македонското православно население, пропагандите не избирале средства и методи. Притоа највулгарно биле злоупотребувани елементарните верски, просветни и хумани потреби на македонскиот народ за наметнување национална свест за политичките претензии на спонзорите. Во пропагандниот натпревар за „душите на живите“ не биле поштедени ниту мртвите. Притоа започнала една бизарна битка за гробишта и мртовци, која е непоимлива за христијанскиот морал и етика, како и воопшто за човечкиот разум. Во прилогов загатнувам еден сегмент од пропагандната војна во османлиска Македонија од крајот на 19 и почетокот на 20 век, кој досега не бил обработуван. Станува збор за една бизарна „битка за гробишта“ меѓу православните христијански заедници во Македонија. Во историската литература може да ce сретнат само некои морничави фрагменти од оваа „битка за гробишта“, кои ce спомнати колку за илустрација на суровоста на пропагандите и човечката безобѕирност

Во март 1888 година во Сер починал еден егзархиски свештеник. Дотогаш православните христијани биле погребувани во единствена гробна парцела. Овој пат патријаршиската општина не дозволила покојниот егзархиски свештеник да биде погребан во постојните гробишта, иако за тоа инсистирала и локалната османлиска власт. Во врска со овој случај, по интервенцијата на солунскиот валија Галиб-паша, било определено одделно место за погребување на егзархистите. На тој начин за егзархиската заедница во Сер биле формирани одделни гробишта.
По два месеца, сличен проблем избил во Дојран. Во мај 1888 година неколкумина егзархисти биле нападнати од страна на патријаршистите на гробиштата во Дојран додека копале гроб за еден покојник од својата заедница. Инцидентот за малку не прераснал во безредие во целиот град. Поради тоа, егзархиската општина испратила протест до солунскиот валија и до великиот везир. Валијата заповедал локалната власт да ce погрижи погребот да ce изврши во постојните гробишта. За да ce избегнат сличните инциденти во иднина, валијата наредил да ce определи нова парцела за гробишта за егзархистите.
Во април 1891 година 250 семејства од Струмица ja отфрлиле јурисдикцијата на Цариградската патријаршија и преминале под покровителство на Бугарската егзархија. За духовните потреби на егзархиската општина во Струмица, со дозвола на валијата Галиб-паша, солунската егзархиска општина таму го испратила свештеникот Христо. Бидејќи единствената православна црква во градот останала под контрола на патријаршистите, егзархистите своите религиозни обреди ги вршеле во една соба во куќата на свештеникот Христо. Првите четири-пет месеци работите ce одвивале доста мирно. Меѓутоа и овде работите ce изостриле во врска со погребувањето. Во ноември 1891 година починало едно дете од егзархиската заедница, a неговите родители го погребале во тогашните христијански гробишта. Меѓутоа, патријаршистите прекуноќ го откопале детето и го исфрлиле надвор од гробиштата. Проблемот со погребувањето во Струмица бил надминат пролетта 1892 година, кога по заповед на солунскиот валија за егзархистите била определена нова парцела за гробишта.
Bo 1897 година Бугарската егзархија добила султански берат за назначување митрополит во Битола. Митрополит во Битола имала и Патријаршијата. Така, во градот ce нашле двајца православни митрополити од две конфронтирани цркви. Со тоа дополнително бил продлабочен постојниот јаз меѓу двете православни заедници. Уште пред доаѓањето на егзархискиот владика во Битола постоеле егзархиска црковно-училишна општина и одделни гробишта. Така, во градот постоеле две гробни парцели. Притоа на едната претежно биле погребувани патријаршистите, a на другата егзархистите. Со одлука на локалната власт било дозволено еднакво користење на гробиштата од двете заедници. Тоа било толерирано од двете православни заедници. Меѓутоа, толеранцијата била нарушена од патријаршискиот владика по пристигнувањето на егзархискиот митрополит. Патријаршискиот митрополит изјавил дека им забранува на „шизматичките“ свештеници да вршат опевање по „грчките гробишта“.

Истовремено нагласил доколку некој од егзархиската заедница сака да го погребе својот покојник на патријаршиските гробишта, треба да повика грчки свештеник. Егзархистите изјавиле дека го прифаќаат принципот, под услов патријаршистите да не ги користат егзархиските гробишта. Меѓутоа, патријаршискиот владика провокативно изјавил дека покојните од својата заедница ќе продолжи да ги погребува во егзархиските гробишта и дека тоа ќе го стори уште следниот ден. Навистина, како што рекол, така и постапил. Следниот ден, патријаршистите понеле еден мртовец кон егзархиските гробишта. Притоа учесниците во поворката биле вооружени со стапови. Нивната намера за насилно влегување во егзархиските гробишта била очигледна. Наспроти тоа, егзархистите ce организирале за „одбрана“ на своите гробишта. Kога погребната поворка стигнала пред гробиштата, „бранителите“ со стапови ги нападнале свештеникот и другите учесници во поворката. Тогаш патријаршистите ce разбегале оставајќи го ковчегот со покојникот на патот.
Веднаш потоа, патријаршистите испратиле протест до Високата порта против дотогашната одлука на локалната власт што допуштала двете заедници еднакво да ги користат православните гробишта.
Во селото Просечен (Драмско) имало две цркви во еден двор. По поделбата на селаните на патријаршисти и егзархисти, со одлука на власта поголемата црква им припаднала на патријаршистите, a помалата на егзархистите. Покрај црквите ce наоѓале единствени селски гробишта. Според традицијата, покојните свештеници ce погребувале до поголемата црква во заедничкиот црковен двор. Меѓутоа, по поделбата на населението на две спротивставени заедници, погребувањето на свештениците предизвикало проблем. На 25 мај (стар стил) 1902 година починал егзархискиот свештеник Георги Фркачев. Според традицијата, тој бил закопан покрај другите покојни свештеници до поголемата црква. Тоа ги возбудило патријаршистите. Според нив, не било допуштено „шизматички“ свештеник да ce погребе во близина на патријаршиска црква. Поради тоа ce пожалиле кај патријаршискиот владика во Драма и кај драмскиот мутесариф.

За расчистување на случајот во с. Просечен бил испратен бимбашијата Хусеин (началник на жандармеријата) со повеќе жандарми. Бимбашијата поставил стража по селските улици и на мостот од Просечен кон селото Плевна за да ce спречи евентуално приоѓање на егзархистите кон црквата и гробиштата. Под такво обезбедување, закопаниот свештеник бил откопан и одново погребан во нов гроб, само неколку метри понатаму, но поблиску до егзархиската црква, која ce наоѓала во истиот двор. Тоа светотатство (светогрдие) над покојниот егзархиски свештеник било извршено четири дена по неговата смрт, кога телото почнало да ce распаѓа и да мириса. Семето на расколот во ова село било фрлено, горчливите плодови требало да ce собираат во иднина.
Во истото село, летото 1905 година починал X. Геoрги Иванов, главен предводник за преминување на селаните кон Егзархијата. Поради тоа на 12 јуни (стар стил) 1905 година, патријаршиските свештеници во Драма по завршувањето на литургијата фрлиле проклетство врз починатиот „шизматик“ и кон неговите синови. Притоа истакнале дека починатиот како „чистокрвен Елин“, по долго учителствување во грчките училишта, ja изневерил Великата црква и станал „шизматик“. Истовремено со „афорезмо“ биле заплашени сите што ќе имаат какви било односи со неговите синови. Поттикнати од оваа постапка, патријаршистите од селото Просечен ce обиделе да го осквернават телото на починатиот Георги. Ноќта на 15 спроти 16 јуни 1905 година, петмина гркомани од Просечен влегле во гробиштата и во темницата почнале да го раскопуваат гробот на покојниот.

Откако го раскопале гробот, го отвориле ковчегот и почнале да го извлекуваат телото на покојниот. Во тој момент покрај гробиштата случајно минувал егзархистот Томчо Фркачев, кој ги барал своите загубени волови. Изненадени од него, гробокопачите побегнале. Меѓутоа, Фркачев меѓу нив препознал двајца соселани патријаршисти. За настанот го информирал претседателот на егзархиската општина во селото. Последниот веднаш го известил мудирот и побарал приведување и казнување на виновниците. Мудирот наредил да ce закопа раскопаниот гроб, но не презел ништо за фаќање на виновниците. Поради тоа претседателот на егзархиската општина отишол во Драма, каде што му ce пожалил на мутесарифот. Патем, за настанот ги информирал офицерите од англиската мисија, a нејзин претставник дошол во с. Просечен и самиот ja видел положбата на телото на покојниот од раскопаниот гроб. Дури потоа било извршено повторно закопување. Во врска со овој случај интересно е да ce обележи дека гробокопачите, ноќта кога го откопувале гробот, со себе имале коњ. Тоа дало повод егзархистите да ce посомневаат дека коњот бил доведен за да ce натовари на него телото на покојниот и да ce однесе на непознато место.

Автор: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев

(Продолжува)