Утревечер со почеток во 20 часот, во киносалата од Центарот за култура во Кичево, премиерно ќе биде прикажан краткометражниот филм „Слобода“ во продукција на „Блу Медиа Моушен“ од Кичево а во режија на Златко Ѓелески.

– Во Центарот за култура во Кичево, утревечер премиерно ќе биде прикажан краткометражниот филм „Слобода“ на режисерот и сценарист Златко Ѓелески. Станува збор за краткометражен омнибус, односно спој на три приказни кои се одвиваат во една зимска вечер во кафулето „Слобода“ во Кичево. Таму се среќаваат тројца пријатели кои неуспешно се обидуваат да се договорат помеѓу себе додека на шанкот се наоѓаат две долгогодишни пријателки кои истата вечер се одлучуваат да споделат тајни кои ги криеле една од друга а на друга маса се одвива зделка за продажба на артефакт од Крушевската република – истакна Маја Николоска-Сиљаноска, портпарол на Центарот за култура.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Михајло Петрески, Ристе Ѓорѓиески, Станко Стевановиќ, Тамара Ристоска, Весна Гаврилоска, Ивица Димитриевиќ и други. Директор на фотографија е Владимир Димоски монтажата и визулените ефекти на Љупчо Темелкоски а музиката на Љупчо Стефаноски.

Овој филм ќе биде прикажан и во сабота во ист термин. З.А.