Што мислат истражувачите за примената на вештачката интелигенција

Речиси нема ден или списание/напис да не се спомнува вештачката интелигенција (АИ = artificial intelligence). Современиот живот како да стана незамислив и неразделив од оваа алатка, која впрочем е производ на самиот човечки ум?!
Да потсетам, АИ претставува технологија што овозможува компјутерот да мисли или да дејствува на некаков „човечки начин“. Тоа е можно поради фактот што оваа алатка презема информации од околината и одлучува да даде одговори врз основа на она што ѝ е дадено како знаење. Накратко, АИ е високоразвиена компјутерска алатка. Со тоа, АИ влијае на начинот на кој живееме, работиме или се забавуваме, понекогаш и без да го сфатиме тоа.
Во вештачката интелигенција системите што се вградени во машината се слични на невронските мрежи кај човечкиот мозок токму во начинот на кој тие учат и обработуваат информации. Тие ѝ овозможуваат на вештачката интелигенција да учи од искуството, како што би го направило едно човечко суштество. Тоа се нарекува длабоко учење. Машината може да ги подобрува своите способности преку грешки и да го менува начинот на дејствување во идните активности, слично како што луѓето и високите видови животни се учат врз основа на обиди и грешки!
Вештачката интелигенција како алатка стана многу позната во науката, па затоа многу научници предвидуваат дека наскоро таа ќе има централно место како во истражувањата така и во науката. Токму затоа, угледното списание „Нејчр“ спроведе истражување кај истражувачите од целиот свет, а резултатите беа објавени во септември 2023. Да објаснам дека „Нејчр“, „Лансет“ и „Сајанс“ се највисокорангирани светски научни списанија, кои имаат највисок фактор на влијание. Во однос на денешниот наслов, мислам дека нашите читатели треба да се информирани за тоа што навистина мислат самите научници/истражувачи за оваа современа алатка, која се нарекува вештачка интелигенција (АИ).

Запрашани колку полезна алатка ќе биде АИ во идната декада токму за нивното истражувачко поле, повеќе од половината истражувачи (испитувани биле вкупно 1.600 научници) се изјасниле дека таа е „многу полезна“ или „битна“. Но, истовремено научниците искажале силен сомнеж како АИ ќе го трансформира начинот на самите истражувања. Техниките за машинско учење и статистика се веќе добро развиени, па сите алатки вклучени во АИ ќе овозможат подобро исчитување текстови, слики и кодови врз база на обрасците вклучени во системите. Во тој контекст, медицинските истражувања во областа на нови протеински структури ќе бидат подобрени, со што полесно ќе се доаѓа до дијагноза, а и полесно ќе се пишуваат научни трудови во оваа област. Врз таа основа, базирани на машинското учење, истражувачите искажале многу начини на кои АИ би била полезна за нивната работа. Така, 58 отсто изјавиле дека се подобрува брзината на обработката на податоците, а 55 отсто изјавиле дека со тоа научниците добиваат во време и штедат пари.
Но, од листата на можни негативни влијанија, 69 отсто од научниците изјавиле дека АИ може да доведе до препознавање шаблони без да има разбирање на суштината на проблемот, 58 отсто изјавиле дека резултатите може да се засноваат на пристрасност или пак на дискриминација на податоците, 55 отсто изјавиле дека алатките ја олеснуваат измамата, додека 53 отсто изјавиле дека непромислената употреба на АИ ќе доведе до истражувања што не можат да се повторат, т.е. немање можност да се провери вистината. Познато е дека секое ново научно откритие треба да дава можност да биде репродуцирано од други научници или лаборатории, за да се потврди вистинитоста на тврдењето.
Како дополнение, списанието „Нејчр“ им испратило мејлови на над 40.000 научници што објавиле трудови во 2022 година за да учествуваат во истражувањето. Одговорите на испитаниците можат да се групираат во три групи: 48 отсто од нив биле вклучени директно во развивање на АИ, 30 отсто користеле АИ во сопственото истражување, додека 22 отсто не користеле такви алатки. Во првата група, повеќе од една четвртина одговориле дека АИ станува „есенцијална“ за истражувањата во иднина, само 4 отсто сметале дека АИ е „битна“ сега во моментов, додека 47 отсто одговориле дека таа е „многу полезна“. Оние од групата што не користела АИ биле помалку одушевени, па само 9 отсто одговориле дека алатката станува есенцијална во идната декада, додека 34 отсто ја означиле како доста полезна. Многу се битни нијансите во зборовите употребени за опис на потребата од вештачката интелигенција (битна, значајна, есенцијална, многу полезна).

Интересно е дека 68 отсто од испитаниците биле загрижени за можна дезинформација и полесен плагијаризам, додека 66 отсто биле загрижени за грешки во истражувачките трудови, па и објавувањето лажни резултати. Тоа се потврдува со фактот дека во последнава година многу трудови од високорангирани списанија се повлечени како недоследни, лажни или како плагијати. Тоа укажува дека ваквите технолошки алатки носат можност за злоупотреба на јазичните модели, како и неточно интерпретирање на резултатите, а особено е битен недостигот од креативност. Во таа насока, еден испитаник изјавил дека границата помеѓу доброто и злоупотребата е многу нејасна! Сепак, на оние научници на кои англискиот јазик не им е мајчин машинските алатки многу им помагаат во лекторирање на јазикот на кој е напишан трудот.
Речиси половина од испитаниците на истражувањето изјавиле дека имаат бариера што ги спречува во развивање или користење на АИ, особено оние што самите се вклучени во создавање АИ-алатки. Во таа насока, најмногу фондови за развивање на нови АИ-алатки вложуваат приватни комерцијални фирми, па затоа 23 отсто од научниците одговориле дека се принудени да соработуваат токму со такви фирми (на пример „Гугл“ и „Мајкрософт“).
Најголема скепса кај научниците била манифестирана од можните грешки во истражувањата во кои се користи АИ, во лажно позитивни или нерепродуктибилни наоди, кои само ги трошат времето и напорите на истражувачите. Исто така било нагласено дека трудовите во кои е користена АИ се со многу полош квалитет и дека има повеќе штета одошто полза.
Потенцијалот да се користи вештачката интелигенција за ширење дезинформации беше најмногу загрижувачка перспектива за истражувачите, па, така, две третини од нив велат дека се „екстремно“ или „многу“ загрижени од тоа. Автоматското оружје создадено со вештачка интелигенција и надзорот над него со помош на вештачка интелигенција исто така беа на високо место на списокот. Најмалку загрижувачка беше идејата дека вештачката интелигенција може да биде вистинска егзистенцијална закана на човештвото – иако речиси една петтина од испитаниците сепак нагласија дека се „екстремно“ или „многу“ загрижени од оваа можност.

Генерално, АИ прогресивно засилено е користена во истражувањата на компјутерската наука, а многу помалку но забележително во физиката и социјалните студии, а најмалку во областа на медицината и здравјето.
Кога би ги сумирале добрите страни на АИ во истражувањата, тоа би биле: побрзо процесирање на податоците, побрзи компјутери, заштеда на пари и време, автоматизам во собирањето податоци, полесно одговарање на прашања за кои има тешки решенија, овозможување нови откритија, генерирање нови хипотези. Како негативни страни се нагласени: таа доведува до поголемо согласување во препознавање на обрасците, но без нивно вистинско разбирање, резултатите може да бидат лажни или да нема дискриминација на податоците, полесни грешки, истражувањата не се репродуктибилни, немање рамнотежа кај истражувачите (оние со побогати можности повеќе ги користат), алатките се многу скапи итн.
На прашањето како се користат широките јазични модели, најмногу испитаници одговориле дека тие повеќе им служат за креативни шеги, а не за сопствените истражувања, дека им помагаат во пишување кодови, да најдат литературни рецензии, да добијат фондови за истражување, да напишат апликации и сл.
Како и да е, новиот тренд во науката наречен вештачка интелигенција има многу позитивни и полезни придобивки за истражувањата, но и доста негативности, кои никогаш не треба да бидат занемарени. А мојот апел (бил и останува) е – дека разликата помеѓу АИ (роботите, машините, компјутерите) и хуманите суштества е единствено во емоциите и затоа токму нив треба да ги негуваме и развиваме за да останеме луѓе во вистинската смисла!