Шест тима директно ќе играат во плејофот, а четири ќе разигруваат за уште две места. Измените на правилата, пак, вклучуваат дополнителна можност тренерите на секој меч да проверат судиска одлука, нови ситуации што судиите можат да ги прегледаат за време на натпреварите и промена на правилата за исклучување на играчите или на членовите на персоналот

КОШАРКА

Со мечот утре Црвена звезда – Асвел, од 19 часот, почнува 67-та сезона на кошаркарската Евролига, во која годинава ќе има неколку измени на форматот на натпреварувањето и на правилата за игра. Утре на програмата се уште четири меча (Макаби – Партизан, Барселона – Анадолу Ефес, Баерн – Алба и Виртус Билоња – Жалгирис), а в петок уште четири (Фенербахче – Милано, Панатинаикос – Олимпијакос, Басконија – Реал Мадрид и Валенсија – Монако).
Од годинава, по завршувањето на регуларниот дел од сезоната (34 кола) ќе се игра и т.н. плејин-турнир, дополнителни мечеви за обезбедување место во доигрувањето за титулата, т.н. плејоф. Во плејофот директно ќе се пласираат првопласираните шест тима, а екипите од седмото до десеттото место ќе играат за уште двете места во плејофот. Измените на правилата, пак, вклучуваат дополнителна можност тренерите на секој меч да проверат судиска одлука (т.н. челинџ), нови ситуации што судиите можат да ги прегледаат за време на средбите и промена на правилата за исклучување на играчите или на членовите на персоналот на клупата за време на расправија на теренот, пишува Евролигата.
Главните тренери сега ќе добијат два челинџа за користење во текот на секој натпревар, но мора да искористат барем еден во првите 38 минути од натпреварот. За да се забрзаат мечевите, судиите сега ќе можат да иницираат преиспитување прекршок само во последните две минути од натпреварот или последните две минути во продолженијата. Тренерите ќе можат да користат челинџ за да иницираат проверка на прекршок во секое време. Секој играч или тимски персонал што ја напушта клупата за време на инцидент на теренот, а кој нема активно да се вклучи во нарушувањето, нема да биде дисквалификуван. Ова претпоставува дека судиите ќе можат да прегледаат снимки и да потврдат дека играчот од клупата не бил вклучен, пишува Евролигата.
Титулата од лани ја брани Реал Мадрид, кој е најтрофеен во натпреварувањето, со 11 европски трофеи. Н.М.