Димитриеска едногласно беше избрана за нов претседател на Советот на јавните обвинители на денешната седница, со тајно гласање кое беше спроведено по принципот на непосредни избори, со ливчиња, параван и кутија за гласање. Како што констатира Комисијата што беше формирана за спроведување на изборот, таа доби едногласна поддршка од членовите на Советот на јавните обвинители.
Предлогот таа да раководи со ова тело дојде од сè уште актуелниот претседател Јолевски, кој по завршувањето на мандатот и понатаму останува член на Советот.
Димитриеска за член на Советот беше избрана на почетокот на јануари годинава, а на функцијата дојде од позицијата шеф на Основното јавно обвинителство Гостивар.
Обвинителката Душица Димитриеска од 1 октомври, па во следните две години ќе претседателствува со Советот на јавните обвинители бидејќи на актуелниот претседател Антонио Јолевски в сабота на 30 септември му истекува двегодишниот мандат.
Изборот на негов наследник беше една од точките на дневен ред на денешната седница на Советот, а Димитриеска беше единствениот кандидат, а за нејзиниот избор едногласно се изјаснија сите членови на Советот на јавни обвинители.
Предлогот таа да раководи со ова тело дојде од сè уште актуелниот претседател Јолевски, кој по завршувањето на мандатот и понатаму останува член на Советот. Димитриеска за член на Советот беше избрана на почетокот на јануари годинава, а на функцијата дојде од позицијата шеф на Основното јавно обвинителство Гостивар.
– Си земам за право да предложам еден од членовите на Советот за иден претседател. Ја предлагам Душица Димитриеска, која уште во 2003 година е избрана за обвинител во Основното јавно обвинителство Гостивар, а од 2023 година. Ја знаеме по извештаите и по непосредната комуникација и мислам дека ќе одговори на оваа функција – рече Јолевски откако ја отвори оваа точка на седницата за донесување одлука за избор на претседател на Советот на јавните обвинители.
На повикот на претседателот дали некој од членовите има свој предлог, не се јави никој. Единствено републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески рече дека го поддржува предлогот на Јолевски истакнувајќи дека и тој како и претседателот на Советот смета дека Димитриеска успешно ќе ја извршува функцијата.
По ова беше утврдена тричлена комисија од редовите на членовите на Советот за спроведување на гласањето во состав: Кети Петкова како претседател и Светлана Жупановска и Ермон Незири како членови.
Гласањето беше тајно, како на парламентарни избори, со параван и гласачка кутија.
Откако сите членови на Советот ги спуштија ливчињата во гласачката кутија, Комисијата ја отпечати и ги преброја гласовите, по што Јолевски соопшти:
„Комисијата констатира дека Душица Димитриеска е избрана за претседател на Советот на јавните обвинители“
Откако беше избрана, таа за свој заменик, односно заменик-претседател го предложи Иџет Мемети, кој со обично гласање, со кревање рака, беше избрана на оваа функција во Советот, а функцијата генерален секретар, како што одлучи Советот, и понатаму ќе продолжи да ја врши Аспарух Мисајловски.
Во изјава за медиумите по нејзиниот избор, Димитриеска рече дека ќе се залага за унапредување на сите работи што се во домен на работењето на Советот на јавните обвинители. Транспарентноста и приближувањето до јавноста, посочи дека ќе биде една од главните нејзини и заложби на Советот.
– Секако дека мојата заложба како претседател и на заменикот и на сите членови на Советот ќе биде да се унапредат сите работи што се во домен на нашето работење. Јас лично сметам дека Советот на јавните обвинители на Македонија и досега успешно и транспарентно ја извршуваше својата работа и ќе се залагам со сите напори тоа да продолжи и понатаму, секако со добра соработка и помош од вас медиумите – рече новата претседателка на Советот на јавните обвинители чиј мандат почнува од 1 октомври.
Нејзиниот заменик, Иџет Мемети, посочи дека Советот успева квалитетно да ја извршува својата работа во рамките на своите надлежности. И тој како и Димитриеска се осврна на транспарентноста и рече дека во иднина годишните извештаи за работата на сите јавни обвинителства треба многу почесто да се разгледуваат во присуство на медиумите.
– Советот успева квалитетно да ги следи состојбите во јавните обвинителства, а исто така таму каде што сметало дека има потреба да се дејствува секако дека сме дејствувале во соработка со јавниот обвинител на РС Македонија затоа што тој раководи со Обвинителството во Македонија. Јас сум убеден дека во овие процеси Советот ќе ја надгради неговата работа и по однос на тоа што е клучно да ја штити фелата, а секако да помогне во владеењето на правото. Од друга страна, сметам дека Советот во иднина многу почесто треба во ваше присуство да ги разгледува месечните и годишните извештаи на сите јавни обвинителства и сметам дека на таков начин ќе бидеме поблиску до вас како медиумите и до граѓаните, а вие ќе имате информации кои се состојбите. Така што убеден сум дека тој процес ќе биде надграден – рече Мемети.
Актулениот претседател во заминување Антонио Јолевски, пак, истакна дека според него мандатот го извршил мошне успешно и дека успеал малку да го доближи Советот до јавноста.
– Тоа е мал чекор, меѓутоа, како што најави и новата претседателка и заменикот-претседател, се надевам дека тие далеку повеќе, знам дека имаат капацитет повеќе да се доближат до јавноста и да ја добиеме довербата на граѓаните и самата јавност малку подобро да нè запознае. Тоа е добра идеја која ја кажа и заменик – претседателот за разгледувањето на извештаите, транспарентноста – рече Јолевски.