Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, во рамки на 78-то заседание на Генералното Собрание на Обединетите нации, во Њујорк, на која, како што информираат од МНР, било разговарано за актуелните политички случувања во земјава и регионот, како и потребата од забрзување на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, што претставува значајно безбедносно прашање.
Османи, се вели во соопштението од неговиот кабинет, се заблагодарил за континуираната и недвосмислена американска поддршка на нашиот пат кон ЕУ, како и за поддршката за спроведувањето на реформите во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
На средбата стана збор и за заложбите за зајакнување на билатералните односи и надградба на соработката во рамки на Стратешкиот дијалог.
– Активностите во рамки на стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД се одвиваат со предвидената динамика и веќе се видливи резултатите од нивната реализација. Билатералните односи се издигнати на повисоко ниво, стратешкото партнерство е зајакнато, а воедно нотиран е и напредок во домашната реформска агенда и демократскиот развој- се вели во соопштението.