Полека, но сигурно наближува најголемиот спортски настан за оваа година. Уште 12 дена нѐ делат од најпознатата трка во Македонија и на Балканот, „Визер скопски маратон“, кој ќе се оддржи по 19-ти пат. Маратонот е сертифициран од страна на АИМС и Светска атлетика и е дел од квалификациските трки за Светско првенство во старосни категории, кое ќе се одржи во Чикаго на 8 октомври оваа година.
Сите заинтересирани тркачи, кои сè уште не се пријавиле на настанот, тоа можат да го направат заклучно со 20 септември 2023 на официјалната страна на „Визер скопски маратон“ http://skopskimaraton.com.mk/prijavuvanje/.
Ова издание на маратонот ќе се оддржи во недела на 1.10.2023 година со традиционалните трки, кои се дел од оваа спортска манифестација. Стартот на маратонот ќе биде пред Собранието, додека целта ќе биде плоштадот „Македонија“. Стартот на сите трки ќе биде во 8 часот.
Подигнување на стратните пакети сите учесници ќе имаат можност да го направат на 29 и 30 септември 2023, (петок и сабота), на Маратон и спорт експо 2023, во СЦ Јане Сандански, од 10 до 20 часот. При подигнување на пакетите, тркачите ќе треба да прикажат потврден мејл од пријавата или документ за идентификација.
Секој учесник добива вредносен ваучер од 20 евра од насловниот спонзор на трката, „Виз ер“, кој можат да го користат до наредното издание на маратонот.
Маратонот е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски клуб „Работнички“ од Скопје, а под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на ЕУ и Агенцијата за млади и спорт.
Подетални информации поврзани со маратонот може да се најдат на официјалната веб страна на трката: skopskimaraton.com.mk, како и на официјалните профили на Виз Ер Скопски маратон на социјалните мрежи Facebook и Instagram.