Минатиот викенд над сто волонтери учествуваа во најобемната потрага на Лох Нес во последните половина век.
Може да се каже дека колку што е стара легендата за Лох Нес, толку е стара и потрагата. Онаа што беше спроведена минатиот викенд беше најголема во последниот половина век. Барањето нешто во споменатото езеро не е воопшто лесно: видливоста може да биде многу променлива поради шкотската клима, а заматеноста на водата го отежнува набљудувањето на подводниот живот. Покрај тоа, неговата должина е околу 37 километри, а најголемата длабочина е 226 метри, што го прави едно од најдлабоките езера во Европа.
Во 1969 година за истражување беше искористена мала подморница, што секако не е најдобриот начин да му се пријде на „недостижното суштество“. Неколку години подоцна, поточно во 1987 година, беше извршена последната голема потрага со 24 чамци опремени со сонар, кои ја покриваа целата површина на езерото.
Оттогаш технологијата многу напредна и овој пат се користени подводни детектори, дронови опремени со инфрацрвени камери и хидрофони, уред што детектира многу слаби звучни сигнали или такви што се далеку под вода и ја прикажува нивната приближна големина на екранот. И покрај сето тоа, потрагата и овој пат заврши без да биде откриен Нес. Но организаторите велат дека не се откажуваат од потрагата.
Една од причините е што центарот „Лох Нес“ ги користел овие уреди и претходно во потрага по мистериозното суштество и иако не го пронашол, повремено забележува одреден сигнал, кој ја одржува надежта дека Нес се крие во длабочините.
– Некои од најновите сигнали доаѓаат од сонар, а тие укажуваат на присуство на нешто во длабока вода. Најголемиот што некогаш сум го видел е еквивалент на објект со големина на комбе. Не знам што беше, но го немаше кога стигнавме – објаснува Пол Никсон, директор на центарот.
Легендата за чудовиштето од Лох Нес датира од VII век, а првпат се појавува во текстот „Животот на Светиот Колумбо“, во кој се раскажува дека овој ирски светец спасил човек што бил нападнат од морско суштество во езерото. Првично приказната беше поврзана со алги – митски суштества од шкотскиот фолклор во форма на коњи, кои живеат во езера.
Модерната верзија на чудовиштето, кое личи на плезиосаурус – вид морски рептил што живеел во периодот јура и креда – датира од 19 век. Помеѓу 1868 и 1933 година, во британските весници повремено се појавуваа извештаи за наводно видување големо морско суштество. Описите значително се разликуваа: некои го опишаа како огромна риба, додека други зборуваа за рептил сличен на крокодил.
Со текот на годините се објавени многу фотографии од наводното чудовиште, но се со толку лош квалитет што е невозможно да се каже за што станува збор, а за неколку од нив е докажано дека се лажни.
Мистериозното суштество се покажа како моќен маркетиншки трик. Милиони луѓе патуваат во Шкотска секоја година, понекогаш само за да го видат ова езеро.