Дуплантис во првиот обид постави планетарен рекорд во скок со стап, кој сега е 6,23 м, а Цегај славеше во трката на 5.000 метри со речиси пет секунди подобар резултат од досегашниот светски рекорд
АТЛЕТИКА – ЗАВРШНИЦА НА ДИЈАМАНТСКАТА ЛИГА ЗА СЕЗОНАВА
Шведскиот атлетичар Арманд Дуплантис (23) постави нов светски рекорд во скок со стап на завршниот митинг на Дијамантската лига за сезонава, во Јуџин (САД). Тој во првиот обид за еден сантиметар го подобри претходниот светски рекорд, кој тој го постави во февруари во Клермон (Франција), и сега изнесува 623 сантиметри.
Ова за „летачкиот“ Дуплантис е седми пат како поставува нов светски рекорд во скок со стап (почна од 617 сантиметри во 2020 година, кога прескокна и 618 см, во 2022 година постави уште три светски рекорди, а годинава два). Второто место на митингот му припадна на Филипинецот Ернест Џон Обиена (5,82 м.), а на третата позиција се најде Американецот Сем Кендрикс (5,72 м.).
Нов светски рекорд постави и Етиопјанката Гутаф Цегај (26), во трката на 5.000 метри, исто така, викендов во Јуџин. Таа ја истрча делница за 14:00,21 минути, а досегашниот рекорд беше во сопственост на Кенијката Фејт Кипјегон (14:05,20 мин.). Цегај во август годинава се закити и со златен медал на Светското првенство (СП) во Будимпешта, но во трката на 10.000 метри. Г.И.