Протест против измените на Кривичниот законик преку Фејсбук е најавен за утре (понеделник) пред Владата, во 18 часот.
Во најавата за настанот кој се шири на социјалната мрежа, се повикуваат да се приклучат сите студенти, професори и граѓани.
„Како студенти кои се запишале на правните факултети во Македонија, не можеме да останеме рамнодушни на постојаната тенденција и постапки кои водат до целосно упропастување на правниот систем. На Македонија и е потребна нова, некорумпирана генерација правници. Но страв ни е дека додека ние, како актуелни студенти, стасаме до позиции на правораздавачи – правдата ќе стане мисловна именка. Чашата ја прелија новите брзи, нетранспарентни измени на Кривичниот законик. Затоа не можеме да бидеме тивки како студенти кои решиле да останат во Македонија и да се борат за правда во оваа држава“, се додава во најавата за протестот.
Оттаму велат дека е доста од злоупотреба на европското знаме, и како што додаваат, затоа бараат и сметаат дека е нужно некој конечно да одговара за фалсификувањата.
„Доста е од користење и урнисување на правото и законите за лични, политички интереси! Бараме правдата да ги стигне сите оние кои допринеле до огромната недоверба во правниот систем“, се посочува во најавата на протестот.
Инаку, на 6 септември, Собранието со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан ги донесе измените на Кривичниот законик со кои се предвидува намалување на затворските казни за злоупотребата на службената должност и злосторничко здружување и отвора можност за побрзо застарување на делата.
Законските измени беа изгласани по скратена постапка, со европско знаменце и во несекојдневно брз процес.