Да не си му во кожата на Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО–ДПМНЕ и неофицијален шеф на опозицијата во Република Македонија. Беспоштедниот притисок што му го вршат да попушти за усвојување на уставните амандмани може да се спореди со оној што ја уништи ова лето подморницата „Титан“ во водите на Атлантски Океан во која загинаа пет лица, истражувачи на остатоците од потонатиот славен брод „Титаник“. „Титан“ експлодира на 4.000 метри под вода и се најде на дното на океанот. Ситуацијата околу Мицкоски може да експлодира неочекувано за 24 часа и да се најде на суво без можности за спас. А со него да потоне и ВМРО–ДПМНЕ во длабочини од кои тешко ќе може да исплива на површина.
Детонатор за таквиот можен епилог се хистеричните барања за брзо спроведување на уставните измени, односно заложбата за внесување на Бугарите во Уставот како основен и единствен предуслов за почнување на разговорите со Европската Унија. Непопустливиот став на Мицкоски, на неговата партија и на коалицијата што ја предводи, е на удар на странските безобѕирни фактори и дрски дипломати, на домашните европољупци и на антимакедонистите. Само тој знае со какви методи и тактики му се закануваат, јавно и тајно, што му нудат за возврат ако попушти, каква судбина го чека ако се спротивстави на желбите и потребите на Америка, НАТО и ЕУ, кои застанаа во еднострана одбрана на средновековните бугарски историско-национални и територијални интереси во Македонија.
Ситуацијата околу уставните измени ја претвори македонската политичка сцена во тајно бојно поле. Во Украина е јавно, овде е тајно. Битката се води со сите средства, само што, за среќа, нема оружје. Во борбениот арсенал против ВМРО-ДПМНЕ се вклучени цели бригади од политичари, дипломати, агенти, дезинформатори, дистрибутери на лажни вести, политички измамници, компромитирани политички ветерани, поткупени новинари. Вклучени се апарати за прислушување, ангажирани се луѓе за следење други луѓе, секојдневно се проверуваат факти и се фабрикуваат трачеви. Она што порано го правело ВМРО сега го прави СДСМ. Тоа е временската и партиска разлика. Сѐ е исто само што сега Груевски е азилант во Будимпешта, а Заев ужива на плажа во Грција.
Историска иронија е што ВМРО како партија со многу бугарски елементи во неа е против впишувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија. Таа иронија е уште поинтензивна што Социјалдемократскиот сојуз е предводникот на форсирањето за влезот на Бугарите во македонската држава и што тоа го прави како болен човек под голема температура. Оваа партија нема срам што е наследник на Комунистичката партија, која за време на Втората светска војна се бореше и ги порази бугарскиот фашизам и бугарската окупација на Македонија. Не е мал бројот на луѓето од постарата генерација што смета дека ова поколение на СДСМ се помоча на гробовите на своите предци што ја изградија Македонија како стабилна и сигурна држава, го запишаа македонскиот народ на мапата на народите во светот и ги цементираа македонскиот јазик и писмо.
Социјалдемократскиот сојуз го има искуството за илегално дејствување и во современа Македонија од времето на Зоран Заев, кога на герилски начин издејствува осуммина пратениците на ВМРО–ДПМНЕ да гласаат за промена на името на државата и за бришење на националните македонски атрибути од сите државни институции. Не е исклучено сега таквата постапка да се повтори, можеби пософистицирано, но со ист ефект. Исто може да се случи други осуммина, под уцена, за концесии или за големи пари, да гласаат за прифаќање на уставните амандмани.
Што ќе (о)стане во тој случај со политичарот Христијан Мицкоски и со партијата ВМРО? Дали и за него и за партијата вратите на пеколот ќе бидат ширум отворени?
Претседателот на ВМРО не само што ќе се почувствува излизган на тенкиот лед туку автоматски ќе биде замрзнат. Оставката ќе биде неминовна, дотолку повеќе што и самиот има изјавено дека и само еден пратеник да го изневери тој ќе поднесе оставка. Ќе биде запаметен како блед екслидер што никогаш не се држел до зборот, дека ги изневерил своите соработници, го предал членството и ја упропастил партијата. Бидејќи нема обвиненија како својот претходник, освен ако не му наместат, не ќе мора да бега или да бара азил во некоја земја.
Но до крајот на животот ќе си го носи срамот на неспособноста и несовесноста. Ќе се врати на професурата, на машинството, но тоа никако нема да биде доволна компензација за политичкиот личен неуспех. Многу примери покажуваат дека збогувањето со политиката од високо место остава доживотна психолошка траума.
Последиците ќе бидат поголеми по партијата. Пресвртот во погледите на јавноста ќе биде дека ВМРО ги предава националните интереси на македонскиот народ, а не СДСМ, како што сѐ уште мисли мнозинството од Македонците. Доколку во каков било случај ги изгласа амандманите, ВМРО–ДПМНЕ нема што да бара на следните избори. Предноста што сега ја има ќе исчезне како меур од сапуница, поразот ќе биде неминовен. По тој дебакл партијата ќе се подели, иако нема да се распадне. Ќе има голема борба за нова власт меѓу старите и новите кадри, меѓу разните елементи, кои едвај чекаат погоден момент тоа да се случи што побрзо.
На таа карта игра СДСМ, чиј претседател во неколку наврати најави дека ќе биде претседател на Владата до 2028 година, значи уште еден мандат на нови избори. Борбата против ВМРО, колку што е војна за уставните измени толку е и за одземање на силата на партијата што сега води на анкетите со двоцифрена предност. Битка за сегашна и идна победа. Несомнено дека преку служби и поединци настојува да го растури ВМРО однатре, да внесе смут во нејзините редови, да ги бара и да соработува со лабилните личности во неа и да ги користи за свои манипулации и кодошлак.
Во ВМРО отсекогаш имало внатрешни превирања, сигурно и денес има групација што е против личноста и методите на владеење на Мицкоски, момци што не се задоволни, што се на маргините на партиските случувања и бивши кадри што го чекаат моментот за реванш и одмазда. Во тие структури има влијателни личности што мислат дека „подобро е да падне еден човек за партијата отколку целата партија да пропадне поради еден човек“. И бараат тоа да се случи сега, уште пред да дојде моментот кога во Собранието би се одржало гласањето за уставните амандмани.
Човекот што е на листата за политички отстрел е Христијан Мицкоски, актуелен претседател на партијата што се декларира како најголема и најмакедонска, а прекуноќ може да се случи квалификативите да имаат обратна содржина. Шефот од белата палата може да биде елиминиран од агентите на НАТО и ЕУ, кои во Скопје не се малку на број, да биде навлечен и наместен од СДС или да му биде извршен внатрешно партиски пуч. Во тој склоп може да се посматра и одлагањето на гласањето во Собранието за измените во Уставот. Да се чека додека не се разбијат ВМРО и коалицијата што ја предводи.
Што ќе стори сегашниот господар на партијата, на кое искушение ќе подлегне, пред кого ќе клекне? Или ќе ја држи главата исправено, ќе држи ли до ветувањето дека нема да попушти под која било цена, зашто зборот е збор, особено ако е повторуван повеќепати. Иако е машинец, иако не е од античкото ВМРО пред него е изборот – со штитот или на него! Во пеколот или на престолот?