Фото: Драган Мујан

Во Конференциската сала на Јавна соба (Public Room) во Скопје, вчера во организација на Српскиот културно-информативен центар – СПОНА во Македонија, се случи промоција на романот на Ѓорѓе Матиќ – „Од никаде со љубов“.

Во присуство на авторот, за неговото творештво на промоцијата зборуваше професорката Елизабета Шелева, а модератор на настанот беше новинарот Иван Беќковиќ.

Еден од водечките регионални писатели, публицисти, преведувачи на нашето време, извонредниот Ѓорѓе Матиќ за првпат се претстави во Скопје. Роден е во Загреб во 1970 година, во 1991 година замина во Италија, а потоа во Холандија, а по речиси три децении живот во егзил, сега живее во Пореч.

Во богатиот литерарен опус на Ѓорѓе Матиќ, освен споменатиот роман „Од никаде со љубов“, се и стихозбирките „Друг звук“ и „Шифрирано, биографија – нови и избрани песни“, како и есеите за музика „Тајни врски“ и збирка есеи за српската култура „Историја и современици“.

Значаен податок во професионалната биографија на Матиќ е и „Лексиконот на ЈУ митологијата“, кој тој го уредувал и каде беше коавтор.

Ѓорѓе Матиќ во овој период е член на редакцијата на загрепското списание „Просвјета“ и соработник на магазинот ОКО на Радио Телевизија на Србија.

М.Т